27 ноември
– Меѓународен ден против потрошувачка грозница.
8.п.н.е.- Умре римскиот литерат Хорациј, најголем римски лирски поет, кој повеќе од кој било грчки или римски поет се одликува со разноликиот поетски израз. Дела: „Сатири“, „Песни“ или „Оди“, „Писма“.
1570.- Умре италијанскиот архитект и вајар Јакопо Сансовино, мајстор на перцепција и совршени хармонизирани конструкции и декори. Ги изработил статуите „Нептун“ и „Марс“ на скалилата на Дуждевата палата и рељефот во мермер во ложата на црквата „Свети Марко“.
1701.- Во Упсала е роден Андерс Целзиус, шведски физичар и астроном. Тој ја воведе поделбата на 100 степени на термометарската скала – Целзиусова скала. Во 1736 година учествуваше во експедицијата која ги измери лаковите на меридијаните, прв го забележа дејството на поларната светлина врз магнетна игла и со сопствени средства ја изгради опсерваторијата во родниот град Упсала. Умре на 25 април 1744 година.
1874.- Роден е израелскиот државник и хемичар Хаим Азриел Вајцман, пронаоѓач на синтетичкиот ацетон. Беше прв претседател на Израел од 1948 до смртта во 1952 година. Вајцман беше директор на Лабораторија во Британија од 1916 до 1919, претседател на Светската ционистичка организација од 1920 до 1931 и на Еврејската агенција од 1929 до 1931 и од 1935 до 1946 година.
1879.- Француското собрание е преместено од Версај во Париз.
1895.- Умре францускиот писател Александар Дима Син, кој ги удри темелите на театарските драми. Напиша 16 драмски парчиња, вклучувајќи ја и драматизацијата на романот „Дамата со камелии“. Останати дела: „Незаконски син“, „Дениза“, „Господин Алфонс“, „Полусвет“.
1895.- Шведскиот фабрикант Алфред Нобел, пронаоѓач на динамитот, во Париз напиша своерачен тестамент со кој каматите од големиот имот ги остава за развој на науката, литературата и на борците за мир. “Наградите треба да се делат без оглед на националноста”, пишуваше во тестаментот, со кој се основа Нобеловата награда за најголеми достигнувања на човековиот ум.
1919.- По Првата светска војна, во која учествуваше на страната на Оската, Бугарија потпиша мир (Нејски мировен договор, потпишан во Неј на Сена) врз основа на кој Добруџа и припадна на Романија, приморјето на Тракија на Грција, а градовите Струмица, Благоевград и Цариброд на Кралството СХС.
1921.- Роден е чехословачкиот државник од словачко потекло Александер Дубчек, водач на реформското движење во Чехословачка кон крајот на шеесетите години на 20. век, познато како „Прашка пролет“. Во Втората светска војна во 1944 година учествуваше во словачкото народно востание. Од 1963 година беше на чело на Комунистичката партија на Словачка, а во јануари 1968 година беше избран за генерален секретар на Централниот комитет КПЦЦ наместо Антоњин Новотни. Во декември 1969 година беше наименуван за амбасадор во Турција, но во 1970 година беше отповикан и потоа две децении помина во потполна политичка изолација. По падот на комунистичкиот режим во 1989 година, Александер Дубчек е избран за претседател на чехолсовачкото собрание.
1926.- Ахмет Бег Зогу во Тирана потпиша пакт со Мусолини за зајакнување на својот реакционен феудален режим во Албанија.
1940.- Нацистичка Германија ги анектираше во Втората светска војна (и формално) француските покраини Лорен (Лотарингија) и Алзас.
1940.- Во Романија профашистичката „Железна гарда“ уби повеќе од 60 соработници на пребеганиот крал Карол II, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никол Јорг.
1941.- Сојузниците ја зазедоа покраината Гондар во Етиопија. Така е скршен и последниот отпор на италијанските сили во Источна Африка, Еритреја, Етиопија и Сомалија беа ослободени.
1942.- Роден е американскиот рок пејач, гитарист и пишувач на песни од африканско потекло Џими Хендрикс, еден од најпопуларните музичари во светот во шеесетите години на 20. век. Умре во 1970 година од предозирање со дрога.
1942.- Француската морнарица потопи поголем дел од својата воена флота во Тулонското пристаниште за да не падне во рацете на нацистите.
1944.- Во селото Горобинци, Светиниколско, е осветен и поставен камен-темелникот на новата црква „Свети Спас“.
1946.- Солунскиот партиски весник “Лаки Фони” објави список на околу 100 лица од Леринско и од Воденско (претежно Македонци), кои беа интернирани на егејските острови.
1953.- Умре американскиот писател Јуџин Гледстон О`Нил, творец на модерната американска драма, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1936 година. Дела: „Зад хоризонтот“, „Ана Кристи“, „Сите божји деца имаат крилја“, „Големиот бог Браун“, „Цар Џонс“, „Второ патување во Европа“.
1955.- Во Париз умре Артур Хонегер, француски композитор од швајцарско потекло, еден од најистакнатите полифоничари во современата француска музика. И припаѓаше на композиторската група “Шестмина”. Роден е на 11 март 1892 година.
1983.- При падот на колумбискиот авион „боинг 747“ во близина на мадритскиот аеродром „Барахас“ загинаа 181 патник и еден член на екипажот.
1989.- Во воздушната експлозија на колумбискиот авион „боинг 727“, судејќи по се, предизвикана од подметната бомба, загинаа сите 107 патници и членови на екипажот.
1990.- Министерот за финансии Џон Мејџор е избран за премиер и шеф на Конзервативната партија на Велика Британија, по оставката на Маргарет Тачер.
1993.- Во Крањ, во Словенија, во Основното училиште „Франце Прешерн“ почна наставата на македонски јазик за македонски деца од предучилишна до средношколска возраст, државјани на Република Словенија.
1995.- Во Женева, на Генералното собрание на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Црвениот крст на Македонија е примен за рамноправен член на оваа асоцијација.
1996.- Во Скопје умре проф. д-р Димко Кепески, еден од основачите на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Роден е во Прилеп, на 14 септември 1918 година.
1996.- Во експлозија на гас во рудник за јаглен во кинеската провинција Шанси загинаа најмалку 91 рудар.
1997.- Во Брисел, со одобрение на Министерскиот совет на Унијата, беше одобрена Спогодбата за соработка и транспорт меѓу Европската унија и Република Македонија.
2000.- Во западна Норвешка е пуштен во употреба тунелот Лердал, кој со должина од 16,9 километри го надмина Свети Готхард, дотогаш најдолгиот друмски тунел во светот.
2001.- НАСА соопшти дека вселенскиот телескоп „Хабл“ откри атмосфера на една планета 150 милиони светлосни години од Земјата, што претставува прво директно откритие на атмосфера надвор од нашиот Сончев систем.
2005.- Во експлозија на рудник за јаглен во покраината Хелионџианг, во североисточна Кина, загинаа 183 рудари.
2005.- Доктори во Франција први во светот изведоа делумна трансплантација на лице врз пациентка на која и беше изобличено лицето од напад на куче.
2006.- При пад на ирански воен авион загинаа 36 лица. Две лица ја преживеаја несреќата на авионот „Антонов 74“ кој требаше да лета за Шираз, илјада километри јужно од иранската престолнина. Авионските несреќи се многу чести во Иран. Во јануари истата година во северозападниот дел на Иран се урна воен авион „Фалкон“, усмртувајќи 11 лица, а во декември авион се урна врз зграда во Техеран, при што загинаа 115 лица.
2006.- Собранието на Канада одлучи да ја признае франкофонската покраина Квебек како посебна нација внатре во Канада. Со оваа одлука кончено е признаена јазичната и културна посебност на Квебек. Сепаратизмот во оваа провинција, која е една од четирите кои во 1867 се обединија и ја основаа Канада, предизвикуваше повеќепати сериозна криза, па дури и воспоставување на вонредна состојба.
2011.- Умре професор Олга Тројачанец, една од доајените на македонската германистика. Олга Тројачанец е првата Македонка која е одликувана со Орден за заслуги од претседателот на Германија. Орденот го доби во 2008 година, за нејзините долгогодишни заслуги во ширењето на германскиот јазик во Македонија. Проф. Тројачанец во 1957 беше меѓу 12-те студенти од првата генерација на Катедрата за германски јазик и литература при Скопскиот универзитет, а подоцна, по студиските престои во Германија, во 1976 година беше соосновач на Македонското здружение на наставници по германски јазик и го иницираше основањето на Гете институтот во Скопје. Од 1986 до пензионирањето во 2002 година беше професорка и директорка на Центарот за странски јазици и предавач на Филолошкиот факултет, а од 2002 и косопственик на училиштето за јазици Лингвалинк.
2011.– Умре 42-годишниот селектор на фудбалската репрезентација на Велс Гери Спид. Гери Спид беше селектор на велшката репрезентација од декември 2010 година. Тој имаше одиграно 85 натпревари за велшкиот национален тим, во неговите 14-годишна меѓународна кариера. Беше избран за селектор само после четимесечното искуство како тренер.