19 декември 2018
1741.- На островот кој потоа го добил неговото име, умрел рускиот истражувач од данско потекло Витус Беринг. Преминот кој ги спојува Северниот леден и Тихиот Океан наречен бил според него – Берингов проток. На враќањето по морето кое исто така го носи неговото име, претрпел бродолом и морал да остане на дотогаш непознатиот остров.
1793.- Францускиот генерал Наполеон Бонапарта ја извојувал првата значајна воена победа, поразувајќи ги Англичаните и заземајќи го Тулон, што бил негов прв чекор кон преземање на апсолутна власт во Франција во 1799 година.
1842.- САД ја признале независноста на Хаваи. Оваа пацифичка земја во која доселениците од САД пристигнувале од 1820 година, одземајќи ја земјата од домородците, само формално станала самостојна. Хавајската династија во 1875 година прифатила целосна политичка и економска зависност од САД кои во 1898 година Хаваи ги претвориле во колонија. Со одлука на американскиот Конгрес во 1959 година, Хаваи станале 49. држава во САД.
1848.- Умрела англиската писателка од ирско потекло Емили Бронте, која се прославила со романот „Оркански висови“.
1851.- Умрел англискиот сликар Џозеф Малорд Вилијам Тарнер, извонреден пејзажист. Неговите дела се пропратени со импресионизам.
1863.- Англискиот пронаоѓач Фредерик Колтон во Лондон го патентирал линолеумот.
1907.- Во селото Долна Грашница, во близина на Ќустендил, умрел (таму е и погребан) Димитрија Поп Георгиев – Беровски, македонски револуционер, учител, војвода, идеен водач на Разловечкото (1876) и Кресненското востание (1878) против турското владеење, близок соработник на Гоце Делчев. Роден бил во Берово, во 1840 година.
1915.- Родена е француската пејачка од италијанско потекло Едит Џована Гасион, позната како Едит Пјаф, наречена „Малото врапче“, симбол на француската шансона. Компонирала шансони и пишувала текстови за нив. Дела: автобиографијата „Мојот живот“, „На балот на успехот“.
1940.- Како врховен командант на Вермахтот, Адолф Хитлер ја потпишал „Директивата број 1“, за напад на Советскиот Сојуз, позната во историјата на Втората светска војна како „План Барбароса“.
1950.- Советот на НАТО го именувал американскиот генерал Двајт Ајзенхауер за врховен командант на силите на воениот блок во Европа.
1972.- Капсулата на вселенскиот брод „Аполо 17“ се спуштила во Тихиот Океан, со што завршило „Аполо“ – американска програма за човечки летови на Марс.
1984.- Британскиот премиер Маргарет Тачер и нејзиниот кинески колега Џао Цијанг во Пекинг го потпишале договорот според кој Хонгконг (британскиот назив бил Викторија) од 1 јули 1997 година, по 99 години под британска управа – преминал под суверенитет на Кина.
1991.- Германската влада ги признала Словенија и Хрватска.
1991.- Собранието на Република Македонија ја усвоило Декларацијата за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава.
1991.- На патот Скопје – Белград, во сообраќајна несреќа загинал Јордан Мијалков, прв министер за внатрешни работи на Република Македонија по прогласувањето на сувереноста и независноста. Роден бил во Штип, на 11 декември 1932 година.
1996.- Умрел италијанскиот филмски актер Марчело Мастројани, успешен како комичар, романтичен херој, драмски актер, љубовник и други ликови. Филмови: „Хроника за сиромашните љубовници“, „Белите ноќи“, „Сладок живот“, „Развод на италијански начин“, „Ноќ“, „Семејна хроника“, „Приватен живот“, „Мирис на жените“ и други.
1996.- Умрел Јулиј Харитон, еден од најпочитуваните руски научници. Се смета за татко на советската атомска бомба. Роден бил во 1904 година.
1997.- Во Токио умрел Масару Ибука, соосновачот на „Сони Корп“, предводник на усовршувањето на магнетофони, транзистори и на телевизискиот систем Тринитрон. Роден бил во 1908 година.
2000.- Во Скопје, во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, биле промовирани првите подофицери за основни командирски должности за пешадискиот род на Армијата на Република Македонија, школувани според стандардите на НАТО.
2001.- Во експлозија за време на социјалните немири ширум Аргентина, масовно биле пљачкани продавниците, при што загинале 27 луѓе. Претседателот Фернандо де ла Руа прогласил вонредна состојба, но следниот ден и самиот поднесол оставка, како и владата на Аргентина.
2003.- Либија, САД и Велика Британија истовремено потврдиле дека постигнале договор со кој владата во Триполи се согласила да се откаже од својата програма за производство на хемиско, биолошко и нуклеарно вооружување и дозволила безусловна меѓународна контрола на своите постројки.
2011.- Лихтенштајн на овој ден почнал да ги применува правилата на Шенгенскиот договор за соработка во контролата на миграцијата и азилите. Кнежеството, кое има 35.000 жители, во март добило одобрение на кандидатура за приклучување кон спогодбата од Шенген. Минијатурната држава е 26-от член на Шенген-зоната и четвртата земја надвор од ЕУ, која се приклучила кон спогодбата, по Исланд, Норвешка и Швајцарија.