НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Берово е роден Царот Малешевски, борец за слободна Македонија, познат како Иљо Војвода, Кара Иљо, Дедо Иљо…

/ 28.05.2024

Ајде, ред се редат, мале, ајде ред се редат, кочански сејмени… Така почнува народната песна испеана за Царот Малешевски, кој се родил на денешен ден пред 219 години и останал активен борец за слободна на Македонија и на поодмината возраст.

На 28 мај 1805 година, во Берово е роден Илија Марков – Малешевски, прочуен македонски ајдутски војвода од втората половина на 19 век, кој се борел во многу битки против Османлиите и поради неговото херојство го нарекувале и Цар Малешевски.

Во османлискиот период, Малешево било нахија (реон) и било составен дел од каза (околија), а во 19 век, неколку малешевски села влегувале во Ќустендилската каза, која била составен дел од Нишкиот вилает.

Според Ј. Џ. Васиљевиќ семејството Иљо припаѓало на родот Мутракинови, кои се викале Кализовци и Маркови. П. Хитов истакнува дека таткото на Иљо се викал Марко, а по него се нарекол Марков. В. Стојанов го именувал како Иљо Марков. Во документите од 60-тите години на 19 век е именуван како капетан Иљо, а потоа како дедо Иљо. Се сретнува и како Кара Иљо, Иљо Малешевски, а во постарата литература се сретнува како Иљо Војвода.

Во конзуларните извештаи од 1860-1862 година се наведува дека Иљо имал една ќерка од околу 10 години и два сина од 5 и 8 години. Од овој податок може да се заклучи дека Иљо веќе околу 12 до 15 години бил оженет. Во едно писмо на неговата жена Стојанка – Цона напишано околу 1860 година, која исто така потекнувала од Берово, пишува дека таа се омажила пред 11 години, односно околу 1849 година.

Опширен текст за Иљо Војвода, за кого е испеана и народната песна од видеото кое го објавуваме подолу, може да прочитате во Денешен на овој ЛИНК.

(Д.Г.)


Од истата категорија