На денешен ден, 28 февруари, во 1908 година во Преспа, во Егејска Македонија, во борба против турската војска, во една безизлезна ситуација, за да не падне жив во рацете на непријателот, се самоубил Петар Христов – Германчето.

Германчето е македонски револуционер и војвода, член на ВМРО, активен учесник во Илинденското востание, по кое заминал на печалба во САД. Во 1905 година се вратил во татковината и учествувал во борбата на македонскиот народ за ослободување од турската власт.

Роден е во 1867 година во селото Герман во Егејска Македонија Германчето бил наречен по родното место, а бил познат уште како Петар Гермов и Петре Дамовски.

Израснал во патриотска средина каде меѓу македонскиот народ се негувале спомените на минатото за цар Самоил. Уште како мал покажувал голема борбеност и решителност и го нарекувале „капетан“.

Петар бил природно интелигентен со I-во класно образование. Во 1899 година станал активен член на Македонската револуционерна организација која поради неговите способности го назначила за селски војвода. Во 1901 година бил уапсен од турските власти и осуден на 6 години затвор.


Во 1903 година, пред почетокот на Илинденското востание, Петар Христов – Германчето бил амнестиран и за време на востанието дејствувал активно како преспански војвода. Со педесет души востаници, под раководство на горскиот началник на Буфскиот реон Александар Ефтимов, Петар Христов – Германчето во текот на два три месеци од востанието дејствувал смело, херојски, против турските војски во реонот на Буфско и Горна Преспа. Тој со своето дејствување го спасил и своето родно село Герман да не биде запалено од турската војска.

По задушувањето на востанието во есента 1903 година, Петар останал да го чува преспанското население. Меѓутоа, бидејќи по востанието е опустошена Македонија, Петар во пролетта 1904 година заминал на печалба за САД. Но, таму не останал долго време, бидејќи гласот на напатениот македонски народ го викал да се врати дома.

Во февруари 1905 година, Петар преку Бугарија каде формирал чета се вратил како војвода во Македонија. Како преспански реонски војвода со своите 12 четници, Германчето во април повторно се нашол меѓу своите соанродници од преспанскиот крај и повторно дејствувал во реонот на нахијата Наколец, а неговиот помошник Ѓаконот дејствувал во околината на Ресен.

Германчето со четата дејствувал против Турците и андартите, припадници на вооружената грчка пропаганда, која по востанието станала многу активна во Македонија. Цели три години Германчето со својата умешност и тактика успешно крстарел низ овој реон без да го напушти.

Меѓутоа, предаден од еден кехај, на 28 февруари 1908 година, бил опколен од турската војска кај селото Дробитишта, Егејскиот дел на Македонија. По жестока борба од утрината до вечерта, откако му ги убиле двата другари, наоѓајќи се во безизлезна ситуација, за да не падне жив во рацете на непријателот, тој ја закопал целата архива и се самоубил.

Така загинал војводата Петар Христов – Германчето. Но со неговата смрт не престанала борбата за ослободување на Македонја. Таа ја продолжил неговиот син Герман Дамовски како раководител на НОФ, за време на Граѓанската војна во Грција (1945 – 1949).

(Подготвил: Д.Г.)