НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во борба со бугарскиот окупатор во Струмица загина македонскиот народен херој Благој Јанков Мучето

/ 14.07.2021

Еднокатна куќа во центарот на Струмица, во близина на Малиот градски парк, и денес потсетува на животот и делото на народниот херој Благој Јанков Мучето, кој на денешен ден во 1944 година загинал во борба со бугарскиот окупатор на улиците во родниот град.

Приземната куќа е со четири соби, од кои две се со автентични етнолошки предмети од времето кога во неа живеел Благој Јанков, а другите две соби се преуредени во постојана историска поставка со фотографии, лични предмети и одликувања, визуелно да го прикаже животот и делото на Мучето.

Благоја Гане Јанков – Мучето роден е на 3 јуни 1911 година, загинал на 4 јули 1944-та, а за народен херој е прогласен во 1951 година.

Роден е во Струмица, во работничко семејство, а неговиот татко Минчо Коцев починал кога Благој имал четири години, па мајка му Кумјанија, како вдовица со две деца се омажила за Гоне Јанков, по кого Благој го добил презимето Јанков.

По завршувањето на основно училиште Мучето се запишал во струмичката гимназија, а како ученик често бил казнуван и парично, бидејќи зборувал македонски во училиште. По завршување на вториот клас, го прекинал образованието и започнал да го изучува кројачкиот занает. Подоцна неможејќи да најде работа во Струмица заминал во Белград каде се вработил кај модниот шивач за машка и женска облека, Адолф Голгубер. Дење работел, а ноќе и во слободно време читал социјалистичка и комунистичка литература, а со неговите активности стекнал доверба и станал синдикален активист.

Посебно бил добар организатор на штрајкови и излети. Уживал голем углед меѓу Македонците во Белград со идејата за слободна Македонија. Во своите говори на состаноците на синдикалните организации, Благој Јанков започнал сè повеќе да се истакнува и затоа била забележан и од српската власт. Во Белград, во синдикална акција на растурање летоци, за првпат бил уапсен во 1927 година, како опасен антидржавен бунтовник. Во белградскиот затвор Главњача каде минал шет месеци бил мачен и одвраќан од револуционерната дејност.

По излегувањето од затворот, Мучето се вратил во Струмица каде се ангажирал во организирањето на работниците и синдикатите. Наишол на добар одзив од кројачките работници, организирал успешен штрајк кој го предводел. Српската окупаторска полиција повторно го прогонувала, а тој повторно заминал во Белград, но овој пат како член на КПЈ (1938) и со големо штрајкувачко и синдикално искуство, влегол во штрајкувачкиот одбор на Белград. Таму во една штрајкувачка демонстрација бил повторно уапсен од полицијата и затворен, а кога излегол од затворот станал член на реонскиот комитет на КПЈ на Белград.

Со своето револуционерно дело се афирмирал како истакнат борец, поради што станал член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Во тоа својство бил упатен за инструктор во источна Македонија, а исто така станал и организатор на првите спротивставувања на бугарската окупациска власт во Струмица во 1941 година.

Мучето активно учествувал во подготовките за формирање на партиски организации за Радовиш, Берово и Валандово, но бугарската фашистичка полиција ја открила неговата дејност, која како илегалец најмногу ја извршувал во Штип и околината. Направил партиска база во селото Долани.

При една провала полицијата извршила напад, тогаш со Мучето бил и Славчо Стојменски, кој во престрелката со полицијата бил убиен, а Мучето бил ранет, но успеал да се извлече. Потоа работата ја продолжил во многу тешки услови бидејќи бугарскиот воен суд го осудил на смрт во отсуство и издал потерница со награда за него.

Летото 1944 година бугарскиот окупатор го лоцирал неговото скривалиште, во домот на Спиро Захов во Струмица, а потоа во нерамноправна борба на градските улици, во родната Струмица, херојски загинал Благој Јанков Мучето.

За народен херој бил прогласен на 11 октомври 1951 година.

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија