На 4 август 1903 година во Крушево влегол Штабот на крушевските востаници свечено дочекан од народот, пред кој началникот на Штабот, Никола Карев, одржал револуционерен говор, прогласувајќи ја првата македонска народна република и го повикал народот да избере привремена влада.
Владата била формирана со учество на сите народносни групи во градот.
На истиов овој ден во 1903 година, пак, во кичевското село Карбуница се водела една од најкрвавите востанички битки за време на Илинденското востание.
Кичевските востаници, потпомогнати од 150 демирхисарци на чело со војводата Јордан Пиперката, успеале да ги натераат турските сили да отстапат и долго време да не ја нападнат ослободената територија.
Во жестоката борба загинале 30 македонски востаници, а турската војска и башибозукот имале 120 мртви.
(Подготви: Д.Г.)