Едниот охриѓанец, другиот стружанец, а на двајцата заедничка им е Македонија и борбата со перо, како и денот 18 јануари, кој за Григор Ставрев Прличев е роденден, а за Константин Миладинов збогување од овој свет.

И двајцата истакнати македонски поети, родени во иста година, во македонските градови  Охрид и Струга.

Прличев, автор на поемата Сердарот, која му ја донела славата и бил наречен втор Хомер, е роден на денешен ден 1830 година во Охрид. А на овој ден, 18 јануари, во 1862 година во Цариград, во полициската болница, умрел Константин Миладинов, авторот на препејуваната песна на многу светски јазици, Т`га за југ.

Меѓу најпознатите остварувања на Прличев се поемите „Сердарот“ и „Скендербег“, како и неговото дело „Автобиографија“.

Со поемата „Сердарот“, која ја напишал во своите студентски години и за која на поетски конкурс во Атина добил Ловоров венец, историски ја верификувал големината на својот поетски талнет. Ова поетско дело и до денешен ден според многу елементи на епското пеење се уште не е надминато.

Македонскиот поет Прличев, по повод 1.000 годишнината од смртта на Методиј, одржал говор во Солунската гимназија на 6 мај 1885 година.

– Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великого го покорија целиот свет, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението…- рекол тогаш Прличев.

Прличев, за својата поема Сердарот во Атина бил овенчан со Ловоров венец и бил наречен втор Хомер.

Тој бил ученик на Димитрија Миладинов. Извесно време работел како терзија, а подоцна станал учител во Тирана, во Албанија. Во 1849 година запишал медицина на Атинскиот универзитет. Во периодот од 1850-59 година повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Сердарот“.

Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и Ловоров венец. Истата година делото излегува од печат.

Поемата Сердарот се смета за апсолутен врв на влогот што го дал во уметноста на зборот овој творец. Прличев напишал и извесен број песни за деца кои се сметаат за родоначалнички во македонската литература.

Починал на 6 февруари 1893 година во Охрид. Негов син е Кирил Прличев, деец на ВМРО, журналист и учесник во Илинденското востание, кој починал во 1944 година во Охрид.

Цариград засекогаш ги раздели браќата Константин и Димитар

На 18 јануари 1862 година во Цариград, во полициската болница, починал македонскиот поет Константин Миладинов, а неколку дена подоцна и неговиот постар брат Димитар МИладинов, и двајцата собирачи на македонски народни песни и умотворби.

По завршувањето на основното образование во Струга и гимназија во Јанина, Константин, роден во 1830 година во Струга, во 1847 година станал учител во селото Трново, Битолско. На 14 октомври 1849 година се запишал на Филозофскиот факултет (филолошка група) во Атина.

По завршувањето на студиите престојувал во манастирот „Зограф“ на Света Гора. По враќањето во Струга, станал учител во битолското село Магарево, а потоа во 1857 година се запишал и студирал словенска филологија во Москва, каде што членувал во Словенскиот кружок и соработувал во неговиот весник „Братски труд“, како и во весникот „Дунавски лебед“.

На 24 јуни 1861 година во Загреб излегол Зборникот на народни песни и умотворби на браќата Димитар и Константин Миладинови.

Зборникот на народни песни е епохално дело на струшките браќа Миладиновци, македонски преродбеници во 19 век. Подоцна станал учебник за идните генерации македонски писатели.

Зборникот на Миладиновци е најзначајната книга на македонската преродба, заедничко дело на двајцата браќа. На 24 јуни1861 година првите примероци од зборникот излегле од печатницата на Анте Јакиќ во Загреб и им биле испорачани на претплатниците.

Печатењето на зборникот било финансирано од хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер, за што Константин во посветета му искажува голема благодарност. Ова епохално дело содржи 584 песни од разни краишта на Македонија (Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Дебар, Кукуш, Костур и др.), кон кои непосредно пред објавувањето биле приклучени 76 бугарски песни од Софија и од Панаѓуриште, што Константин ги добил од В. Чолаков.

Песните се поделени во групи: самовилски, други стари, црковни, јуначки, жаљовни, смешни, љубовни, свадбени, лазарски, на Водици, на Ѓурѓовден и жетварски. Зборникот содржи и други фолклорни и етнографски материјали (детски игри, свадбени и годишни обичаи од Струга и Кукуш, верувања, игри, преданија, сопствени имиња, пословици, гатанки, речник, лалп и имиња на претплатниците).

Во предговорот Константин ги изнесува своите сфаќања за народното творештво како „показалка на степенот на умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот“, за народното оро како „училиште каде се усовршенствувала народната ни поезија“ и сл. Константин при изборот на песните вршел селекција, од повеќе варијанти ја избирал најдобрата, што значи Зборникот има карактер на антологија.

Уште кога заминал на студии во Русија, Константин понесол одреден фонд песни. И подоцна Димитрија собирал фолклорни материјали и му ги праќал на брата си. Константин не успеал зборникот да го објави во Русија, иако за него најпофално се искажале значајни имиња од руската славистичка наука. Тој воспоставил контакт со Штросмаер и договорил средба во Виена. Големиот мецена на словенската култура се согласил да го финансира Зборникот со една забелешка – материјалите што биле запишани со грчки букви да бидат препишани со кирилица. Константин тоа го прифатил.

Според списокот на претплатниците, Зборникот имал порачки од Виена, Будим, Дубровник, Љубљана, Марибор, Осиек, Темишвар, Загреб, Белград, Хасково, Париз, Прага и други места, но нема претплатници од Македонија, што значи дека огласот за претплата од Константин во „Дунавски лебед“ објавен во 1861 г. не бил познат во Македонија.

По објавувањето, Зборникот имал одгласи во повеќе земји. Популарноста на Зборникот и судбината на браќата Миладиновци биле причина нивните имиња да влезат и во литературни дела. Иако Зборникот извесен период останал непознат во Македонија, тој подоцна сепак си ја одиграл улогата на програма за собирање и афирмација на македонскиот фолклор.

Сите поистакнати собирачи овој зборник го имале и за пример и за инспирација. Така Кузман Шапкарев запишал дека триумфите на Миладиновци, Караџиќ и Кухач не му давале да заспие, а Марко Цепенков го чувал дома и го пеел „како второ вангелие“.

(Подготвил: Д.Г.)