На денешен ден во 1893 година во Охрид починал Григор Прличев, еден од темелните македонски писатели од 19 век.
Меѓу најпознатите негови остварувања се поемите „Сердарот“ и „Скендербег“, како и познатото дело „Автобиографија“.
Со поемата „Сердарот“, која ја напишал во своите студентски години и за која на поетски конкурс во Атина добил Ловоров венец, историски ја верификувал големината на својот поетски талнет. Ова поетско дело и до денешен ден според многу елементи на епското пеење се уште не е надминато.
Прличев е роден во Охрид, на 30 јануари 1830 година во семејство од кое излегле повеќе македонски дејци и револуционери.
Македонскиот поет Прличев, по повод 1.000 годишнината од смртта на Методиј, одржал говор во Солунската гимназија на 6 мај 1885 година.
– Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великого го покорија целиот свет, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението…- рекол тогаш Прличев.
Како што е познато, Прличев, за својата поема Сердарот во Атина бил овенчан со Ловоров венец и бил наречен втор Хомер.
(Подготвил: Д.Г.)