На денешен ден, пред 145 години, на 17 октомври 1878 започнало Македонското востание во Пиринска Македонија. Вистинското име на познатото Кресненско востание во Пиринска Македонија од 1878 година е Македонско востание. Но, југословенската историографија го именувала како Кресненско, за да не се создаваат тензии меѓу Југославија и Бугарија и за да не се разбуди желбата за обединување кај Македонците од двете страни на границата.
Бугарите исто го менуваат името на востанието за да го избришаат зборот Македонско, и во нивната историја е познато како Кресненско-Разлошко. Но вистинското име му е Македонско востание од 1878, објави ОМО Илинден Пирин.
Во сите писма кои ги пишувал војводата Димитар Поп Георгиев Беровски во востаничката 1878 година, тој се потпишува како НАЧАЛНИК НА ШТАБОТ НА МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ. На оригиналниот печат на Главниот штаб на Македонското востание, пишува МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ, а најдолу стои и годината 1878, објавуваат од ОМО Илинден Пирин.
Ја пренесуваме објавата на ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН за 144 години од МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ во Кресна, Пиринска Македонија
На 17.10.1878 во селото Кресна, Пиринска Македонија, е дигнато МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ, кое во историјата е познато и под името Кресненско востание.
Името на востанието е сменето од Македонско во Кресненско, затоа што тогашната југословенска власт се плашела дека тоа име кај Македонците од двете страни на границата може да предизвика желба за обединување на Пиринскиот и Вардарскиот дел на Македонија.
Бугарската историографија исто така го променила името во Кресненско-Разлошко востание, со цел да го избрише зборот македонско, односно да го избрише националниот македонски карактер на востанието.
Оригиналното име на востанието е МАКЕДОНСКО ВОСТАНИЕ.
Под водство на војводите Димитар Поп Георгиев Беровски, Дедо Иљо Малешевски и Стојан Карастоилов, Македонците само две години после Разловечкото востание (1876), повторно се дигнаа против турското ропство.
Знаменосец на една од четите во МАКЕДОНСКОТО востание е Иван Сандански, татко му на Јане Сандански, кој тогаш бил 6 годишно дете.
На состанокот одржан на 8 септември 1878 во Рилскиот Манастир, на кој присуствувале Димитар Поп-Георгиев Беровски и војводата Дедо Иљо Малешевски било решено да се повикаат сите чети кои дејствувале недалеку од демаркационата линија да се приближат до Горна Џумаја (денешен Благоевград).
На повикот се одзвале повеќе чети и во Горна Џумаја се одржало советување со војводите за востанието.
На тоа советување бил прифатен предлогот на еден од поистакнатите војводи Стојан Карастоилов, востанието да започне со напад на Кресна. Тука било прифатено со нападот да раководи самиот Карастоилов.
Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на Кресненските анови во кои била сместена турската војска.
Во нападот учествувале 400 македонски востаници од Кресна и од околните населени места. При самиот напад на турскиот гарнизон во Кресна, на востаниците им се предале 109 турски војници, а многу Турци биле убиени.
Биле ослободени и селата Влахи, Оштава и Ново село. Востанието ја зафатило и областа Каршијака, десно од реката Струма.
Веднаш по востанието било формирана полициска управа. Во сите ослободени места била воспоставена народна власт, а народот без разлика на националната и верска припадност, бил целосно ослободен од сите даноци.
По ослободувањето на Кресна, востанието се проширило во околината и подалеку во Мелничко, Демирхисарско (Пиринска Македонија), Малешевско, Пијанечко.
Пред почетокот на востанието биле напишани и Правилата на Македонскиот востанички комитет или Привремени правила за организација на МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ.
Правилата преставувале законодавен акт за време на востанието, а со нив бил регулиран целиот општествено-политички и економски живот на востаничката територија.
Кон крајот на декември 1878 година Правилата биле преработени по обем и содржина. Наместо поранешните 232 члена по преработката Правилникот имал 211 члена. Во уводниот дел биле запишани причините за востанието и било истакнато дека:
„Познато ни е на сите нас дека злосреќната наша земја Македонија поради причини за егоистични цели од страна на големите сили и е оставена на Турција по Берлинскиот конгрес. Во резултат на тоа во одделните области на нашата татковина дојде до многу кравави сцени, познати на секого.
Во желба да го отфрлиме од нашата татковина турскиот јарем, секој од нас, кој колку може, станавме да се жртвуваме, бидејќи од секого од нас е нужна помош. Ние востанавме како поборници на слободата.
Со нашата крв што ја пролеваме низ полињата и горите македонски ние служиме, како македонска војска на Александар Македонски, за слободата со нашата девиза: Слобода или смрт!
Поради настаните и ослободувањето на голем број села од нашите востаници и вопијушите потреби да се воведе еден ред во земјата каде што дејствуваат востаниците, решивме да поднесеме едни правила од Македонскиот востанички комитет, односно Устав, по кој сите ќе се управуваме и сите ќе ги исполнуваме додека не ја ослободиме нашата татковина Македонија…“
Дел од главните правила на Востаничкиот комитет:
1. Востанието во Македонија кое сега е уште локално, треба да се прошири низ цела Македонија.
2. Во востанието учествуваат луѓе од самата Македонија кои се чувствуваат Македонци и ја сакаат слободата на својата татковина.
3. Во востанието можат да учествуваат и сите македонски жители, без разлика на вера и народност, стига да ја сакаат слободата.
4. Сите доброжелатели на Македонците од соседните и подалечните земји можат да учествуваат во Македонското востание, ако му се покорат на Македонскиот востанички комитет и искрено се залагаат за ослободување на Македонија.
5. Им се дозволува на таканаречените Благотворителни комитети надвор од Македонија да го помагаат востанието, меѓутоа главен предмет и грижа да им биде: собирање на парични помошти, оружје со принадлежностите, облека од секаков род и вид и со готовност да ги испраќаат во однапред определени места, за да се доставуваат на востаничкиот терен; исто така и храната (да се доставува – б.р.) до востанатите места, ако тоа го бара нуждата, а посебно прехраната и облеката во оние места каде што селата и куќите се разорени ли ќе бидат разорени.
6. Се повикуваат доброволците надвор од Македонија – кој е вистински доброволец и вистински пожртвуван љубител на татковината и сочувственик на оние што страдаат, со својот труд и со својата пот, на сопствена издршка да дојде до местото каде што ќе се приклучи во редовите на востаниците и ќе му се даде оружје и се’ што е нужно.
7. За мрзливците, крадците и арамолепците нема место меѓу македонските востаници, како што нема место на слични наемници, кои се покажаа силеџии рамни на турските башибозуци, од кои произлезе и произлегува големото беспокојство во народот. Такви доброволци не му се потребни на делото. Подобро е да си одат по своите места од каде што се дојдени и да си ги гледаат своите интереси.
8. Секој доброволец од каде и да е и каков и да е, нека си ги обуе опинците, да си оди мирно, спокојно, благородно и благодетно за насушниот леб што ќе му го дадат по патот до означеното место, и извршувајќи ги општите распоредби.
9. Нашата цел на Македонското востание не е никаква тајна. Таа е ослободувањето на Македонија, земјата на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методиј, која со векови страда под турското иго. Затоа секој што не се бори за нејзиното ослободување, туку си прави своја сметка – за него нема место во востанието…“
Востанието траело повеќе месеци, се проширило на поголема територија во Пиринскиот дел на Македонија и во најисточните делови од Вардарскиот дел на Македонија, но завршило откако Бугарите се вмешале и го уништиле раководството на востанието.
Мора да се нагласи дека уште од почетокот на востанието Бугарите сакале да се вмешаат во востанието и да го земат под своја контрола.
Под влијание на штотуку завршената Руско-турска војна (1877-1878), во која учествувале и голем број Македонци, меѓу кои и познатите војводи – Беровски, Карастоилов, Дедо Иљо Малешевски и други, тие решиле да отпочнат востание за ослободување на Македонија, која по војната останала под османлиски јарем.
Затоа и на востанието му дале име МАКЕДОНСКО ВОСТАНИЕ.
Иако во целост подготовките за востанието биле во раководени од македонските војводи, бугарскиот комитет Единство барал командата на востанието да се довери на офицерот Луј Војткевич и на Адам Калмиков, првиот Полјак а вториот Украински Козак, кои исто така биле учесници во руско-турската војна.
Македонските војводи на почеток се согласиле, и Калмиков бил и член на главниот штаб, и заедно со Беровски бил водач на востанието.
Првите несогласувања меѓу Македонците и двајцата странци кои биле под контрола на бугарскиот комитет Единство се јавиле по ослободувањето на Кресна и неколку околни села под Пирин. Претставниците на комитетот Единство, Адам Калмиков и Луј Војткевич сакале востанието да биде проширено што поскоро и во останатите делови на Македонија.
Но Беровски, Стојан Карастоилов и другите македонски војводи се стремеле најпрво востаничката територија да се организира, да се набави оружје, муниција и друг воен материјал, да се регрутираат свежи востанички сили и дури потоа да се удри на останатите области.
МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ било прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија
Бугарија по секоја цена сакала да го превземе востанието, и да ги спроведе плановите на бугарските комитети, кои довеле до големи недоразбирања и судири со македонските војводи.
Првиот судир настанал при борбите за ослободување на Кресна, меѓу македонскиот војвода Стојан Карастоилов и Адам Калмиков.
Подоцна судриот помеѓу двајцата странци Калмиков и Војткевич ќе предизвика толкаво незадоволство кај македонското раководство, што началникот на штабот Димитар Поп Георгиев Беровски ќе напише остро писмо во кое го осудува самоволието и мешањето на Софискиот комитет во Македонското востание.
По борбите во Разлошката котлина, Беровски, Карастоилов и другите македонски војводи решиле да ги отстранат Калмиков и Војткевич од раководните позиции на востанието, затоа што двајцата извршувале наредби на бугарскиот комитет Единство и не соработувале со македонските водачи.
Бугарскиот комитетот Единство веднаш остро реагирал и испратил комисија од тројца комесари кои спровеле воен суд за Стојан Карастоилов, Беровски и другите македонски водачи.
Македонските војводи биле осудени на смрт од бугарските комесари.
Смртната казна врз Стојан Карастоилов била извршена во декември 1878 година, додека Беровски успеал да се спаси.
На тој начин македонските војводи биле отстранети од раководењето со востанието, а тогаш главен раководител на востанието станал комитетот Единство.
Откако македонските востаници увиделе дека македонските војводи подло и насилно биле отстранети од востанието, почнале да ги напуштаат востаничките редови, а тројцата комесари не можејќи да ја контролираат ситуацијата се вратиле во Бугарија.
Благодарение на подлата бугарска политика кон Македонците, која македонскиот народ многупати низ историјата ја има искусено на своја кожа, интензитетот на востанието силно опаднал и потоа било предвреме завршено!
Но МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ од 1878 година останува еден од најбитните настани за Македонците од Пиринско во вековната борба за ослободување на Македонија!
ВЕЧНА ИМ СЛАВА НА ХЕРОИТЕ ОД МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ!
(Подготви: Д.Г.)