На денешен ден во 1902 година во рускиот град Санкт Петербург официјално било основано Македонското научно-литературно другарство.
Македонското научно-литературно другарство е конституирано на 28 октомври 1902 година со 19 потписници (Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Дијамандија Трпков Мишајков, Стефан Јакимов Дедов, д-р Гаврил Константинович и други). При основањето го носи патронатот на свети Климент Охридски, а од 1903 г. (со „Уставот”) на Кирил и Методиј. Кон крајот на 1905 год. Другарството е неутрализирано, а од 1912 г. се појавува под нови имиња, но не успева да добие официјално признание од руските надлежни власти. Неговата дејност завршува во 1917 г. со Октомвриската револуција во Русија.
При основањето го носело патронатот на свети Климент Охридски, а од 1903 година на свети Кирил и Методиј.
Прв привремен претседател бил Дијамандија Мишајков, а од почетокот на 1903 година, па до 1917 година, тоа место го заземал Димитрија Чуповски. На 12 ноември 1902 година до Руската влада и до Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство, Македонското научно-литературно другарство испратило Меморандум, што всушност претставува прва национална програма во која се бара признавање на Македонците како посебна нација и народ, со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на тогашната Турција.
И покрај противењето на другите балкански друштва во Русија, сепак, Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно-литературно другарство како рамноправен член на Советот и му дало простории во кои другарството би можело да одржува редовни состаноци и советодавни седници.
Од денот кога Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно-литературно другарство, според руски извори, доаѓала помош од руските организации од овој тип.
Во Русија се печателе книги, брошури, летоци, кои ја објаснувале улогата, задачата и целта на Македонското научно-литературно другарство.
Особено значаен е фактот што, според руски извори, во Македонското научно-литературно другарство, со помош на Советот на Санктпетербуршкото братство била создадена првата книга на современ македонски литературен јазик со фонетски правопис. Станува збор за книгата на Крсте Петков Мисирков „За Македонцките работи“.
На овој ден во 1940 година во Ленинград (Санкт Петерсбург) починал Димитрија Чуповски, еден од најистакнатите и најдоследни организатори и афирматори на македонската национална мисла, општественик, револуционер, политичар, дипломат, публицист, научник, издавач, историчар, картограф и филолог. Во периодот од 1912 до 1915 година на руски јазик го издавал списанието „Македонски голос“. Роден е во селото Папрадиште, Велешко, во 1878 година.
(Подготвил: Д. Г.)