НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во Скопје е роден народниот херој Орце Николов, а во Леринско комитата Диме Абдарманов сам се убил и жив не се предал

/ 02.06.2021

Во ист ден историјата на Македонија запишала една јуначка смрт на Македонец во Леринско во 1902 година и 14 години подоцна раѓање на друг македонски херој во Скопје.

На 2 јуни 1902 година во селото Пателе, Леринско, во Егејска Македонија, во борба против османлиската војска, откако му привршила муницијата, се самоубил Диме Абдарманов, истакнат македонски револуционер.

Бил член на ТМОРО од 1896 година, а како комита особено станал популарен како народен заштитник. Роден е во селото Пателе.

А 14 години по оваа јуначка смрт на комитата Абдарманов, на 2 јуни 1916 година во Скопје е роден партизанот Јордан Николов – Орце, народен херој на Македонија.

Родно село на Абдарманов, за кого податоците се оскудни, до 1926 година го имало името Пателе, некаде Патели, а потоа е преименувано во Агиос Пантелејмонас, како што денес му е официјалното име во општина Суровичево во Егејска Македонија.

Стара градба во леринско Пателе, кое е и на главната фотографија, снимено во 1977 г.

Пателе се наоѓа на 39 км југоисточно од Лерин и на 6 км од Суровичево, на југозападниот брег на Островско Езеро, крај железничката линија од Солун за Лерин и Битола. Според записите на Ѓорче Петров, еден час на североисток од Суровичево до брегот на Островското Езеро е расположено големото село – П’теле.

Пателе отсекогаш било населено со Македонци и нема претрпено етнички промени. Во пописот од 1913 година во селото се попишани 1.791 жители, во 1920 година бројот се намалил на 1.418, во 1928 пораснал на 1.501 жител. По Граѓанската војна и иселувањата бројот на жителите се движел од 1.747 во 1940, на 1.498 во 1951 и 1.497 во 1961, за во 1971-ва да се намали на 161 жител, поради иселување во прекуокеанските земји. Но, во 1981 г. бројот на жители повторно пораснал на 1.068, а во 1991 г. имало 1.003 жители со тенденција за натамошно опаѓање поради иселување.

Јордан Николов – Орце

Народниот херој Орце Николов е роден во Скопје на 2 јуни 1916 година, а загинал на 4 јануари 1942 година во близина на Владичин Хан, каде е убиен во заседа од бугарскиот окупатор на Македонија.

Потеклото му е од работничко семејство, учел кројачки занает, но уште во младоста во него се буди револуцерниот дух и станува член на УРС-овите синдикати. Во тој период Вардарскиот дел од Македонија е под српска окупација, како дел од Кралството Југославија (до 1929 г. Кралство СХС), а Македонците не биле признаени како посебен народ и биле угнетувани и принудени да учат туѓ јазик.

Во 1935 година, како и најголемиот дел од македонските младинци, Орце Николов станува член на тогашната Комунистичка партија, затоа што таа партија го признавала постоењето на Македонците како посебен народ.

Набрзо потоа Орце Николов станува еден од главните раководители и организатори на работничкото движење во Македонија. Организира штрајкови и протести низ повеќе градови во Македонија, во кои се бара подобрување на правата на македонските работници.

Орце Николов заедно со Методија Андонов Ченто и со Кузман Јосифовски Питу е еден од главните организатори и на познатите Илинденски демонстрации од 2 август 1940 година, кои се одржале во Скопје, Прилеп и во Охрид, и кои биле со изразито македонски национален карактер.

Од Илинденските демонстрации Македонците побарале македонските деца да учат на мајчин македонски јазик кој во Кралството СХС бил забранет. Тие побарале и поголеми права за македонските работници, а Борка Талески кој бил еден од говорниците во Прилеп, повикал Македонците да се борат за ослободување на својата земја.

Веднаш по овие настани, српскиот режим започнал да ги апси Македонците, а на 9 август 1940 година пред својот дом е уапсен и Орце Николов. Во тие апсења на Македонци биле уапсени Методија Андонов-Ченто, Борка Талески, Трајко Бошкоски – Тарцан, Коце Ќурчија и голем број други македонски патриоти.

Во септември 1940-та Орце Николов е однесен во затвор во Белград, а потоа е преместен во Велика Кикинда. Таму Николов како организатор на бунт на затворениците, изведен е пред суд и осуден на 2 години строг затвор и однесен е во затвор во Сремска Митровица.

Кога во 1941 година започал нападот врз Кралството Југославија, од сите страни почнале да навлегуваат бугарски, германски и италијански фашисти. Користејќи го хаосот во државата, на 22 август 1941 затворениците во Сремска Митровица организираат бегство од затворот, а меѓу оние кои успеваат да избегаат е и Орце Николов, заедно со Благој Андреев – Ронката и Богоја Фотев.

По бегството Орце Николов ја започнува борбата против новиот окупатор – бугарските и германските фашисти. Му се приклучува на Фрушкогорскиот партизански одред, а на почетокот од октомври 1941 година оди во Ужице каде бил сместен Врховниот штаб на партизанските единици. Таму Орце Николов добил задача да се пробие во Македонија, каде што веќе биле формирани и првите македонски партизански одреди.

На 27 октомври 1941-ва тој со една група Македонци заминува за Македонија. Било договорено во околината на Лесковац да му бидат дадени фалсификувани документи за да може полесно да ја помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарија.

Во првиот обид да ја премине граница, во декември 1941 година, одредот не успеал, и се вратил назад. При вториот обид, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942-ра, на планината Кукавица кај селото Туба, Владичин Хан во Србија, Македонците наидуваат на заседа поставена од Бугарите. Орце Николов со неговите соборци се обидува да ја пробие заседата, но во борбата е убиен од бугарската војска.

Кумановскиот партизански одред во 1943г. бил именуван по Орце Николов

Загинал на 26 годишна возраст за слободата на Македонија, а во негова чест, Кумановскиот партизански баталјон формиран во декември 1943 година, го носи неговото име.

За народен херој на Македонија е прогласен на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување, заедно со Стеван Наумов – Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Кузман Јосифовски – Питу.

(Подготвил: Д. Г.)


Од истата категорија