На 11 мај 1929 година во скопското село Кожле е роден Гане Тодоровски, каде што и почива од 26 мај 2010 година.
– Гане е верниот и достоен потомок на претскажаното Прличево племе, кое требаше еден ден да стаса и на вистинскиот јазик, на мајчиниот јазик, да ја искаже поетиката на идентитетот и вистината за својот народ. Гане, како никој друг ќе го разбере кодот на јазичниот егзил на Прличев, ќе го преточи генијот на својата уметност, напишал меѓу другото Луан Старова, во еден критички осврт за поетиката на македонскиот академик Гане Тодоровски.
Тој во своето творештво остави многу стихови посветени на Македонија, на македонскиот идентитет и испеани на мајчиниот македонски јазик. Со воведувањето на повеќепаристкиот систем во Република Македонија и со отворањето на тајните досиеа на „политичката полиција“ во претходниот систем беше обелоденето дека Тодоровски, како и повеќе други македонски интелектуалци, бил следен како „македонски националист“. И за него УДБА водела тајно досие.
Академик Тодоровски е македонски поет, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар и публицист. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде што и докторирал.
Во младоста работел како новинар во неколку редакции, а потоа беше долгогодишен професор по хрватска и македонска книжевност — XIX век на Филолошкиот факултет во Скопје.
Член на Друштвото на писателите на Македонија беше од 1951 година, а во два наврата (1969-1971 и 1985-1986) е и негов претседател. Беше претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971), а член на МАНУ од 1997 година.
Во 1990 година, пред распадот на СФРЈ, Тодоровски беше избран за прв претседател на Движењето за семакедонска акција МААК, а подоцна стана и прв амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.
Тодоровски почина на 22 мај 2010 година и по негова желба е погребан во црквата „Свети Спас“ во родното село Кожле на 26 мај 2010.
Зад себе остави обемно поетско, научно и публицистичко дело: „Спокоен чекор“, „Апотеоза на делникот“, „Претходниците на Мисирков“, „Снеубавен ден“, „Трактати за сонцељубивите“, „Скопјани“, „Подалеку од занесот, поблизу до болот“, „Со збор кон зборот“, „Неволици, неверици, несоници“, „И орач и воин“, „Книга за Венко Марковски“ и други.
За своето творештво бил носител на врни македонски општествени и книжевни награди: „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Димитар Митрев“, „Ацо Шопов“ (награда), „Кирил Пејчинович“ и други.
(Подготвил: Д.Г.)