Предадени и опколени од бугарската окупаторска полиција во куќата во која имале таен состанок, откако одбиле да се предадат, во борба загинаа народните херои Кире Гаврилоски – Јане и Круме Волнароски – Коља.

Овој настан се случил пред 78 години на 9 мај 1944 година. По завршувањето на војната двајцата се прогласени за народни херои.

Кире бил син-единец со уште 5 сестри

Гаврилоски е роден во Прилеп на 22 февруари 1918 година како трето дете во семејството на Сава и Алексо Гаврилоски, кои, покрај Кире имале уште пет керки. По завршувањето на четврти клас во прилепската гимназија, станал трговски помошник. Произведувал јаболка во овоштарникот што го наследил од татко му, а ги продавал и во Загреб, каде се поврзал со македонските студенти. Во март 1939 година заминал да служи воен рок од две години во Скопје, кој не го дослужил поради почетокот на Втората светска војна.

По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија, Гаврилоски активно се вклучил во револуционерната дејност. На 13 јули 1941 година бил меѓу првите прилепчани кои биле уапсени од бугарската окупациска полиција.

Кога на 11 октомври 1941 година започнало вооруженото востание против окупаторите на Македонија, во Прилеп следниот ден имало апсења од бугарската полиција. Гаврилоски бил уапсен и брутално мачен. Еден месец по излегувањето од затвор, поради атентатот на Коце Ќурчија, Гаврилоски повторно бил уапсен, а овој пат одлежал во Битола. По пуштањето од затвор, од месниот Комитет добил директива да дејствува во селата во Поречието и тогаш го добил прекарот Јане. Подоцна бил испратен во пелагониските села во Крушевско и Битолско. Одржувал врски со одредот „Димитар Влахов“ и учествувал во борби околу селата Дреновци, Горно Село и Дабница.

Од 16 септември 1942 година дејствува во партизанските одреди.

Гаврилоски во мај 1944 година во Прилеп имал средба со Круме Волнароски и со други делегати, со цел да се создаде фронт за ослободување на Македонија. По средбата Гаврилоски и Волнароски останале во куќата, каде што бил состанокот. Бугарската полиција дознала за средбата и ја опколила куќата. По повиците да се предадат или куќата ќе биде запалена, Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај. Волнароски бил погоден од куршумите праг, а Гаврилоски не се предавал и извикувал антифашистички пароли. Куќата била запалена, а Гаврилоски и низ пламените јазицци пукал кон окупаторската полиција. Последниот куршум го чувал за себе.

За нивната смрт е обвинета и осудена на смрт Вера Ѕвездова, која ги предала на бугарските власти. Смртната пресуда на Воениот суд на Битолската воена област бил извршена во пролетта 1945.

Круме имал убав ракопис и вестите ги пишувал на рака

Круме Волнароски е роден во 1909 година во Прилеп, во тогашната Отоманска Империја и бил едно од петте деца на Арсена и Ицко Волнароски.

Основното образование го завршил во локалното училиште со одличен успех, како и гимназија каде покажал особен интерес за математика. Тој од мали нозе помагал во дуќанот заедно со неговиот вујко Цветан, особено кога неговиот татко имал работа подалеку. Иако сакал да го продолжи своето образование, неговите не му го допуштиле тоа. Го пратиле да работи како трговец кај трговското семејство Попевци.

Воениот рок во Кралството Југославија го служел во Вршац, во Србија, во периодот кога кралот Александар Караѓорѓевиќ на 6 јануари 1929 година ја вовел познатата Шестојануарска диктатура, што го поттикнало да размислува на политички план. Волнароски активно учествувал во изборната кампања во 1935 година, а во меѓувреме, во Битола, каде бил испраќам како трговец, се запознал со неговата идна сопруга Даница и се венчале во 1937 година.

Тој бил и еден од потписниците Методија Андонов Ченто да биде на листата на Здружената опозиција. На професионален план, Круме имал одлична соработка со Ченто и тие ги здружиле трговиите. Ченто имал ан, а Круме бакалница.

По нападот на нацистичка Германија врз СССР, Круме и Ченто пуштиле проглас на ПК на КПЈ за Македонија низ Прилеп. Тоа било проследено со апсење и тортура.

Станал член на КПЈ во 1941 година и работел во Партиската техника на МК на КПЈ во Прилеп, а како илегалец во 1942 и 1943 година во прилепските села собирал народна помош и формирал воени комитети и НОО.

Во неговата куќа имал изградено солидна скривница. Круме имал задача да слуша радио-вести, да ги пишува со рака бидејќи имал убав ракопис и да ги испраќа истите на печатење. Сите вести на билтенот „Народен глас“ од 1942 година биле од Круме.

Бил учесник и во Богомилскиот поход и најголем дел од своето делување го поминал на терен, а учествувал и во активностите за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ.

На 8 и ноќта кон 9 мај, Круме и Кире биле во куќата на Милан Милисавлевски, каде се собрале сите кандидати за првите народни пратеници на Македонија. Таму останале цела ноќ. Во 11 часот на 9 мај им стигнала порака од МК со наредба веднаш да ја напуштат куќата оти се издадени. Куќата почнала да ја опколува бугарската полиција со околу 100 полицајци. Им наредила да се предадат, но тие тоа го одбиле. Прво полицијата почнала да стрела кон куќата, но бидејќи им требале Круме и Кире живи, не сакале да ја запалат.

На по повикот да се предадат одговориле дека „борци не се предаваат на фашистички гадови“ и извикувале „да живее слободна Македонија, да живеат славните партизански бригади“.

По ова, бугарската полиција ја запалила куќата, во која завршиле животите на народните херои Круме Волнароски и Кире Гаврилоски.

(Подготвил: Д.Г.)