Случајно при една посета на Турција од македонска воена делегација во 1997 година, по 94 години од последниот плотун на Илинден, во Воениот музеј во Истанбул е пронајден оригинален примерок од Црешовото топче.
На 2 јули 1997 година при посетата на Република Турција на делегација на Армијата на Република Македонија, во која биле полковниците Гоце Илиевски и Ѓорѓи Ѓуровски, како и мајорите Иљо Сарафиновски и Ванче Стојчев, во Истанбул, во Воениот музеј, го пронашле и го фотографирале легендарното Црешово топче што македонските востаници го користеле во времето на Илинденското востание во 1903 година.
Подоцна истото беше донесено во Република Македонија на тримесечно чување и промоција по повод 100-годишнината од Илинденското востание.
Единственото Црешово топче кое останало по востанието е тоа што во 1903-та турскиот аскер го заробил по битката со востаниците кај месноста Слива, откако цела востаничка чета загинала бранејќи ја отстапницата во збегот на населението од Крушево. Истото тогаш Турците го пренесле во Турција и денес се наоѓа до Воениот музеј во Истанбул.
Д-р Ванче Стојчев, професор на Воената академија во Скопје, на 2 јули 1997 година, заедно со останатите членови на воената делегација отишол во Воениот музеј и побарал да му го покажат Црешовото топче, кое не било дел од изложбената поставка. Кустосите го нашле топчето и му дозволиле на Стојчев да го фотографира.
Во 2003 година, по повод 100-годишнината од Илинденското востание, Црешовото топче од музејот во Истанбул било позајмено на три месеци за изложба во Музејот на Македонија.
Воената делегеција во посета на вооружените сили на Република Турција престојувала од 29 јуни до 3 јули 1997 година, а Црешовото топче било „откриено“ на дененешен ден 2 јули.
Плотуни за охрабрување
Црешово топче е артилериско оружје чие тело е во целост направено од багрем или цреша. Тоа нема значајна борбена вредност, бидејќи дрвото се распрснува под дејство на експлозијата после само неколку истрели. Вакви топчиња биле произведувани непосредно пред Илинденското востание.
Црешовото топче имало значење во охрабрувањето и подигањето на моралот на востаниците, а денес е легендарен симбол на решителноста на слабо вооружените востаници да се спротивстават на далеку помоќниот непријател за слободата на својата земја.
Непосредно пред Илинденското востание, Крушевското горско началство одлучило да се направат топчиња од дрво. За таа цел „офицерчето“ Тодор Христов направил специјална скица, а Никола Карев го повикал војводата Цветко Стојчев од селото Селце и му наредил според скицата да направи топ. Цветко со Тодор Борјар и други мајстори од арсеналот во Селце исекле две големи цреши и направиле 7 трупци. Бидејќи немало време, трупците ги ставиле да се сушат на жешкото јулско сонце, па суровите црешови трупци се распукнале. Трите позачувани трупчиња ги засолниле под сенка, од кои уште недосушени, направиле три црешови топчиња. Црешовите топчиња од Селце биле долги 150 сантиметри, тешки околу 20 килограми, при дното и при врвот биле оковани со железни обрачи. Се полнеле со крупен барут, а како топовски зрна биле употребувани ѓулиња од кантари.
Најмногу дрвени топови биле направени во крушевскиот реон. Таму во селото Селце биле направени седум, а во самото Крушево шест топа. Непосредно пред и во текот на Илинденското востание во 1903 година за период од два месеца вкупно биле направени 17 црешови топови. Сите дрвени топови имале различни димензии. Должината им била од 80 – 150 сантиметри, тежината од 20 до 70 килограми, калибарот во зависност од муницијата, главно колку ѓуле од селски кантар или бомба од битолската бомболеарница што ги изработувал Новак или пречник од околу 9 сантиметри. За да се зголеми отпорноста топовите биле зацврстувани со железни обрачи.
Во подготвителниот период за Илинденското востание биле направени повеќе дрвени топови. Меѓу првите, по сопствена иницијатива, црешов топ направил монахот Григориј од манастирот св. Јован Бигорски. Во селото Кленоец, Кичевско бил направен еден дрвен топ во должина од 12 педи. Тој се полнел со шајки и ситни парчиња од железо. Од тој топ востаниците во селото на 29 август 1903 година успеале да испалат четири плотуни по што топот се распрснал.
Трипати грмна и се скрши
Во селото Лактиње, Охридско по наредба на Охридскиот востанички штаб 18-годишниот Трпе Даневски, заедно со уште двајца селани за кусо време направиле четири црешови топови. Должината на овие топови изнесувала околу 150 сантиметри, тешки по 70 кила. Кога биле издлабени, ковачот Мустафа ги зацврстил со осум железни обрачи. Потоа им направил ногарки.
Двата подобри топа биле префрлени кај Издеглавје во близината на големата мирдирница, односно турската административна управа и жандармерија. Со првото полнење и првиот истрел не успеале. При второто полнење востаниците добро го набиле барутот и наместо ѓуле, ставиле кугла од кантар. Кога фитилот бил запален во долниот крај на топот, одекнал силен грмеж, а куглата летнала право во мирдирницата и ја пробила. Настанала паника меѓу Турците и бегање. Меѓутоа, по неколку експлозии црешовиот топ се распрснал, а тоа истото се случило и со вториот црешов топ.
Дрвените топови најчесто биле правени од див бадем и дива цреша кои биле многу цврсти, особено кога се суви. Се водело сметка јазлите, со оглед на тоа дека тие овозможувале уште поголема отпорност и му давале цврстина на дрвото, да останат при врвот или при дното на топот, таму каде што е најсилен притисокот на цевката.
Постоеле различни начини на изработка на дрвото, односно на цевката на топот и главно се применувале кога за тоа имало доволно време. За изработка на топови се земале најдебелите и најправите трупци од дрвото. Трупецот се длабел за да се добие форма на цевка. Однадвор се засилувал со метални обрачи.
Една од причините поради која се распрснувале дрвените топови е тоа што по истрелот топот не бил чистен и тогаш во следното истрелување неминовно доаѓало до распрснување на топот. Дострелот на овие топови главно изнесувал 400 до 500 метри. Положбата за поставување и зацврстување на топот се бирала главно на истакнати, возвишени места кои давале добра прегледност до објектот на нападот.
(Д.Г.)