На денешен ден во Виена во 1924 година е потпишан Мајскиот манифест на Внатрешната македонска револуционерна организација, кој во тоа време претставува нова политичка програма за единство и дејствување на македонското ослободително движење.
Во документот македонскиот народ се третира како самостоен народ на Балканот без дилеми и конфузии за неговата самобитност. Бил составен по долги преговори на претставниците на ВМРО, Комитерната и Македонската федеративна организација (организација на македонската емиграција во Бугарија). Потписници на манифестот се членовите на Централниот комитет на ВМРО, Александар Протогеров, Петар Чаулев и Тодор Александров.
Со Мајскиот манифест кон македонскиот народ и емиграција, раководството на ВМРО повикала на борба за ослободување и обединување на раскинатите делови од Македонија. Документот бил апел до сите, леви и десни револуционерни сили да се обединат за создавање единствен македонски револуционерен фронт. Овој документ ја поставува визијата за автономна Македонија, можеби како дел од поширока федерација, но, не и како дел од некоја друга балканска држава.
По објавувањето на Мајскиот манифест поради турбулентните околности кои ги носело тоа време, Тодор Александров се откажал од сопствениот потпис на манифестот. Некои историчари сметаат дека тоа се должело поради неавтентичноста на Манифестот кој Александров го потпишал и оној кој бил подоцна објавен.
Во тој период ВМРО имала затегнати односи со бугарскиот премиер Александар Цанков. Набрзо потоа Тодор Александров е убиен. Контроверзите за овие настани и денес не се целосно обработени и разјаснети од историчарите, а ќерката на Тодор Александров има опишано во какви околности нејзиниот татко се откажал од потписот на Мајскиот манифест.
-Навистина, мојот татко се откажа од потписот на Мајскиот манифест, бидејќи не сакаше ВМРО да се болшевизира и да биде партија, туку да си остане татковинска патриотска организација се додека Македонија не стане држава, изјавила Марија Коева, ќерка на Тодор Александров.