НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Загинал бугарскиот поет Христо Ботев, за кого Даме Груев вели бил пример за родољубие и за Македонците

/ 01.06.2024

На 1 јуни 1876 година во борбата против турската војска кај Враца загинал бугарскиот револуционер, поет и публицист Христо Ботев, кој пропагирал јужнословенско единство и социјалистички идеи.

Ботев е роден е на 6 јануари 1849 година во Калофер, во Бугарија и е значајна личност во бугарската историја, а како што вели Даме Груев, неговиот пример на родољубие бил следен и од македонските револуционери од ВМОРО во борбата против Османлиите и за слобода на Македонија.

Бугарските анархисти го сметаат Ботев за истакнат анархист, тврдејќи дека тој факт намерно бил игнориран од страна на бугарската официјална историографија.

Со помош на рускиот вицеконзул во Пловдив Ботев заминал да студира во Одеса во Русија. Но, по една година пишувал дека „овдешните учители и наредби не се човечки, туку ѕверски“. Тешко ги поднесувал строгите правила. Од училиштето го исклучуваат, но тоа за него не било казна, туку ослободување. Потоа заминува како бугарски учител во Бесарабија.

Неговиот авантуристички дух го носи во Романија, каде што станал печатар и каде во 1868 година во Букурешт го среќава Васил Левски, идеологот на ослободителната борба (од Турците), а таму го среќава и Иван Вазов кој исто така бил воодушевен од младиот поет.

Во текот на следните години учителствувал во Александрија, Исмаилија и се занимавал со конспиративна дејност. Во април 1871 година со телеграма ја поздравил Париската комуна, а во јуни започал да го издава својот прв весник од кој излегле само 5 броја. Во април следната година бил затворен поради револуционерната дејност, а потоа живеел во Букурешт каде работел на своите книжевни дела.

Ботев во 1875 се оженил со Венета Рашева, а следната година му се родила ќерката Иванка. Но, веќе во мај го презел водството на чета и се вклучува во бунтот. Се качува на паробродот Радецки со борците од неговата чета, која била формирана во денешна Романија и се состоела од 172 четници. Во Ѓурѓево се качуваат на бродот на 16 мај 1876 година и по еден ден слегуваат на бугарскиот брег.

По влегувањето во Бугарија, четата се движела на југ, но на 1 јуни во близина на Враца била опколена од голема турска (черкеска) потера, а Христо Ботев бил убиен. За убиството на бугарскиот револиционер Ботев, според истражувањата на д-р Стефан Влахов Мицов, кои тој ги презентира во неговата книга „Кој го уби Христо Ботев“, тој тврди дека бил убиен од неговите соборци.

Покрај револуционер, Ботев бил славен и како поет, а најпознати му се песните Елегија, Зададе се облак темен, Обесувањето на Васил Левски и Хаџи Димитар.

Неговата поезија е борбена, социјално бунтовна, но секогаш уметнички вредна. Песните Борба, Ѓурѓовден , Хаџи Димитар… содржат трајни универзални пораки со слободарско – бунтовнички карактер.

Подолу ја објавуваме песната Хаџи Димитар од овој истакната бугарски поет, препеана на македонски јазик.

 

Хаџи Димитар

Жив е тој жив е! На Балкан лежи,

Потонат в крви, болка го свила,

Длабока рана на гради тежи,

Јунак сред младост и машка сила.

 

На една страна зафрлил пушка,

На друга сабја на два дела,

Темнеат очи, глава се лула,

И усни колнат вселена цела!

 

Лежи тој јунак, под сводот волен

Запрено сонце срдито пече,

Жетварка пее некаде в поле,

А крвта уште посилно тече.

 

Жетва е сега… Робинки, вие

Таговно пејте! Греј и ти, сонце,

Во ропска земја! Мрак ќе го скрие

И овој јунак… Но молкни, срце!

 

Тој којшто в борба за слобода падне

Нема да умре: жалби му леат

Земја и небо, природа, зверој

Пеачи песни за него пеат!

 

Орлица дење сенка му прави,

Раната кротко волк му ја лиже,

Над него сокол крилја ќе стави,

За овој јунак, брат да се грижи!

 

Настане вечер – месецот грејне,

И ѕвезди небесен сее,

Зашуми гора, ветерот вејне –

Ајдучка песна Балканот пее!

 

И самовилите в облека бела,

Прекрасни, чудни песни му редат,

И тивко газат зелена трева

Крај овој јунак тие да седат.

 

Една на рана билки му става,

Друга го прска со вода ладна,

Трета во усни целив му дава,

А тој ја гледа-милна и страдна.

 

„Кажи ми сестро кај е Караџата?

Дружина верна кај мине често?

Кажи, па земи ја мојата душа,

Сакам да умрам на ова место.“

 

Гушнати тие дур тој им збори

По духот негов летаат скришно,

Летаат, пеат дури до зори,

Го бараат сегде под небо вишно.

 

Осамна веќе! И Балкан стана,

Јунакот лежи, крвта му тече,

Волк му ја лиже лутата рана,

А сонце силно пече ли – пече!“

(Д.Г.)


Од истата категорија