На денешен ден пред 48 години замолкна гласот на бардот на македонската народна песна, Никола Бадев, кој почина на 25 септември 1976 година на 58 годишна возраст.
Бадев почина млад, но имаше богата и успешна музичка кариера. Зад себе остави снимени повеќе од 400 песни и голем број грамофонски плочи, а настапувал и на голем број концерти низ поранешна Југославија, како и на турнеји во странство, во САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд и други земји.
„Никола Бадев е исклучителна појава помеѓу големиот број на исполнители на македонски народни песни, но никој како него не го долови вистинскиот дух и мелос на македонската изворна народна песна. Со неговото вклучување во ансамблот на Радио Скопје, му се овозможи на овој народен пејач да го изгради и култивира неговиот исклучителен глас. Во ова нешто многу му помогнале етномузикологот Васил Хаџи Манов и Живко Фирфов, со што успеа да ја афирмира и издигне до највисок степен, изворната македонска народна песна и мелос“, запишал за својот сограѓанин Бадев хроничарот на Кавадарци, историчарот Петре Камчевски, кој исто така денес не е меѓу живите.
Бадев на 10-годишна возраст започнал скришум да свири виолина, а во неговата музичка наобразба му помогнал вујко му.
Никола Бадев е роден во 1918 година во село Глишиќ, денес приградска населба на Кавадарци. Во неговата почетна музичка наобразба многу му помогнал неговиот вујко Васил Неделков, кој пак самоуко свирел неколку музички инструменти.
Покрај музиката Бадев го сакал и спортот, особено фудбалот, а во тогашниот Фудбалски клуб Југославија играл десно крило. Се оженил многу млад, а во бракот со сопругата Милка имал три деца. Веднаш потоа заминал на отслужување на воениот рок каде го затекнала Втората светска војна.
Во септември 1944 година се вклучил во редовите на НОВ, во Втората македонска ударна бригада. По војната завршил курс за медицински техничари и работел во Кавадарци како санитарен инспектор-хигиеничар.
Со својот пријатен мелозвучен глас Никола веќе бил познат во Кавадарци и многумина барале да им пее на многу свадби и веселби.
Во 1948 година победил на Фолклорниот фестивал во Скопје и по препорака на многу негови другари заминал во главниот град на Македонија.
Во почетокот на неговата музичка кариера многу му помогнал Васил Хаџиманов, кој во тоа време работел како музички уредник во Радио Скопје. Својата прва грамофонска плоча Бадев ја снимил во 1952 година за Југотон, а првата снимка била песната „Тешка беше нашата разделба“.
„Со исклучителен сензибилитет ги испеа македонските најлирски песни, не водеше по сокаци, на чардаци, ни пееше за копнежот на вљубените, оживуваше ликови, војводи и народни херои. Ја обиколи земјата и светот многу пати, беше вистински народен пеач, национално име, ја имаше таа сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата на македонските песни, вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија. Никола Бадев е исклучителна пејачка појава, интерпретатор кој високо ја крена и прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство. Тој како славеј ги прелета границите на Македонија и преку песната ги сплоти и обедини нашинците растурени ширум светот каде и да се, а на светот му раскажа дека на Балканот постои народ мал по бројност но голем по своето културно, уметничко и историско богатство со раскошна фолклорна традиција“, запишале музчички критичари и познавачи на песната, фолклорот и квалитетите на Бадев.
Прерано замолкнал гласот на македонскиот бард на македонската песна, но зад себе остави многу неповторливо испеани песни и фолклорно богатство за Македонија.
(Подготви: Д. Г.)