Македонски државјанин од Скопје, кој во моментот живее и работи во Германија, е опериран со хируршкиот роботски систем da Vinci на Клиниката за кардиохирургија при Центарот за срце во Дуизбург, Германија. Операцијата ја извел тим предводен од доктор Едис Љаиќ, кардиохирург, специјализиран за минимално инвазивна кардиохирургија и раководител на секторот за роботска кардиохирургија, кој исто така е по потекло од Македонија.

– Јас и мојот тим од Дисбург ја имавме честа нашиот сограѓанин да го оперираме со хируршкиот роботски систем da Vinci со кој ние рутински ги изведуваме овие интервенции, која е најсовремена, минимално инвазивна метода. Станува збор за 31-годишен пациент, маж, со дијагностицирана коронарна срцева болест, кој беше примен на нашата клиника. Операцијата траеше околу два и пол часа и помина одлично. Пациентот закрепнуваше бргу и без компликации и само пет дена по операцијата на отворено срце, ќе биде отпуштен на домашно лекување, во одлична општа состојба – вели за МИА доктор Љаиќ.

Љаиќ појаснува дека пациентот моментно престојува во Германија поради привремена, сезонска работа и е здравствено осигурен преку германскиот работодавач, а не преку македонскиот Фонд за здравствено осигурување.

– Тој е првиот македонски пациент што е опериран со оваа високомодерна роботска техника, и тоа од страна на друг македонски граѓанин – вели докторот.

Едис Љаиќ работи како кардиохирург на Клиниката за кардиохирургија при Центарот за срце во Дисбург, Германија. Специјализиран е за минимално инвазивна кардиохирургија и го води секторот за роботска кардиохирургија во оваа здравствена установа.

Како што појаснува, овој тип на кардиохирургија претставува најсовремена техника што во Германија моментно се изведува само во два центра – во Дисбург и во реномираната клиника „Шарите“ во Берлин. На ниво на цела Европа, додава тој, ваков тип на кардиохирургија се спроведува во не повеќе од 15 центри.  

Фото Доктор Едис Љајиќ