По повод крајот на жетвата, во село Чешиново денеска ќе се одржи првиот Фестивал на ориз.

Посетителите ќе имаат можност да дегустираат традиционални специјалитети од ориз, произведен со одржливи практики, но и да го видат најголемото гнездо на штркови во Европа, високо 3,2 метра, кое се наоѓа на Задружниот дом во Еко-етно паркот.

Организатор на Фестивалот е Јадрената група за одржливо производство на ориз – ОРИЗОВА БРАТИМКА, Чешиново, Чешиново-Облешево, која е воспоставена во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Чешиново е лоцирано во срцето на брегалничкиот регион, карактеристичен по својот богат биодиверзитет, култура и долга традиција на одгледување ориз. Поради најголемата популација на штркови во државата, пак, општината Чешиново – Облешево ја доби титулата „Европско село на штркот” за 2013 година.