Ако завртите на контакт телефонот наведен во импресумот на „Пресцентар.мк“, каде што како главен и одговорен уредник е потпишана извесна Милица Нонковска, слушалка ќе ви крене машко лице. Во обидот да дојде до објаснување за веста што ја објавија дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во стан во Будимпешта добил милион и шестотини илјади евра и строги инструкции од руски дипломати, Пресинг ТВ дојде директно до седиштето на општинската организација на СДСМ во Прилеп, пишува порталот кој неодамна претрпе кадровски промени.
Првично на мобилниот телефон 074 230 230 се јави машко лице и ни рече дека е грешка, истакнува Пресинг. Но, по неколку часа не исконтактира истото лице и ни објасни дека текстот е целосно преземен од revolucioner.press.
Во импресумот на revolucioner.press како главен и одговорен уредник се појавува Виктор Азманоски од Општинската организација на СДСМ во Прилеп, пишува Пресинг ТВ.
„Пресцентар“ и „Ревоуцинер.пресс“ викендов објавија вест дека наводно Мицкоски во Будимпешта добил милион и шестотини илјади евра од дипломати за да ја блокира Македонија на евроинтеграцискиот пат.
СДСМ, пак, вчера се огради од лажната вест. Потпретседателот на СДСМ Коста Петров вчера негираше дека се партијата на било кој начин е поврзана со објавата за Мицкоски.
СДСМ се залага за објективно и транспарентно информирање. Како партија сметаме дека сите ние со заедничка работа може да придонесеме во борбата против лажните вести. СДСМ не шири лажни вести и комуницира одговорно и сметам дека нема никаква основа партијата да се поврзува со оваа тема на кој било начин, стои во одговорот на потпретседателот на партијата Коста Петров, во името на СДСМ испратен за порталот „Република“.