Пратеничката Славјанка Петровска, учествуваше на Националниот молитвен појадок на Украина, кој се одржа на 23 август во Киев, во пресрет на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на земјата.

-Националниот молитвен појадок претставува значаен духовен и дипломатски настан кој ги обединува политичките, верските, граѓанските и меѓународните лидери околу напорите за мир, единство, правда и иднината на Украина. На настанот присуствуваат високи украински претставници, меѓународни партнери, пратеници, верски лидери, припадници на вооружените сили, семејства на загинатите борци, хуманитарни и добротворни организации, како и младински лидери. Националниот молитвен појадок на Украина се одржува под покровителство на претседателот на Украина и ja продолжува традиција започната во Соединетите Американски Држави во 1953 година, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.

Годинешното издание на Молитвениот појадок има посебно историско значење, бидејќи се совпаѓа со одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина.

Во рамките на состанокот, пратеничката Славјанка Петровска оствари средба со Игор Жовква, заменик шеф на Кабинетот на Претседателот на Украина. На средбата, Петровска ја потврди силната и недвосмислена поддршка на Република Македонија за Украина и ја реафирмираше посветеноста кон напорите насочени за постигнување праведен и траен мир.

Во оваа прилика, на Петровска ѝ беше врачен орденот „Принцеза Олга“ од прв степен, кој на 4 септември 2023 година ѝ го додели претседателот на Украина, како признание за нејзиниот личен придонес во зајакнувањето на одбранбените способности на Украина.

Учество на Петровска на Националниот молитвен појадок на Украина претставува израз на солидарноста и поддршката од Република Македонија кон украинскиот народ и укранските институции, во време кога земјата продолжува да го брани својот суверенитет, независност и територијален интегритет.

Фото: Собрание