Провинцискиот суд во шпанскиот град Понтеведра неодамна одлучил дека мажот мора да ѝ плати на поранешната сопруга 88.000 евра.
Станува збор за компензација за нејзината „работа како домаќинка“ во текот на 26 години брак.
Неименуваниот пар се венчал во 1996 година, а до разводот во 2022 година, жената работела надвор од семејниот дом вкупно 205 дена, посветувајќи се на воспитувањето на ќерката и одржувањето на домаќинството.
По разводот мажот останал во семејната куќа, а жената изнајмила свој стан. Во исто време, таа морала да најде работа за да се издржува.
Бидејќи поминала 16 години како домаќинка, најверојатно ќе има помала пензија, за разлика од нејзиниот поранешен сопруг кој бил посветен на професионалната кариера, пренесува Oddity Central.
Од горенаведените причини жената побарала отштета за годините поминати во куќата и за целата работа што ја работела.
Со првичната пресуда е утврдено обештетување во износ од 120.000 евра, а двете страни поднеле жалба.
Мажот се согласил да плати за целата работа што жената ја направила, но помала сума (60.000 евра). Од друга страна, таа побарала повисока отштета (183.000 евра).
Покраинскиот суд одлучил надоместокот да изнесува 88.000 евра, како и поранешниот сопруг да плаќа 350 евра месечно на пензијата на сопругата во следните три години.
Постои можност двете страни да се жалат до Врховниот суд.