СДСМ за неполни две и пол години успеа да направи повеќе од 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а државата тргна на прав пат, затоа што се грижиме за сите граѓани и обезбедуваме одржлив праведен систем, беше истакнато на трибината „На прав пат“ што СДСМ вечерва ја одржа во Кочани.

Пред присутните граѓани во Центарот за култура „Бели мугри“ се обратија партиските потпретседатели Мила Царовска и Дамјан Манчевски, како и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

– Нашите реформи се вистински, конкретни и носат повеќе пари во секој семеен буџет. Со социјалната реформа, социјалната помош расте и до 300 отсто, а за оние граѓани кои не стекнале услови за добивање пензија, воведовме социјална пензија, за и тие да имаат средства за живот. Детскиот додаток им се исплаќа на 20.230 деца, што е пораст за три пати повеќе, а образовниот на 8.680 деца, што е за три и пол пати повеќе од претходното. До крајот на реформата очекуваме околу 70.000 деца да примаат детски и образовен додаток. што ќе биде за 20 пати повеќе од порано. Со ваквата социјална реформа навистина  сме на прав пат, истакна Царовска.

Царовска додаде дека наскоро ќе следи ново зголемување на минималната плата, пензиите ќе растат вонредно во првиот квартал од 2020 година.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски рече дека една од заложбите на кои посветено се работи е законите да почнат подеднакво да важат за сите граѓани, а посебно во борбата против корупцијата, затоа што власта не треба да ги штити своите луѓе.

Во изминатите две години, посочи, работевме на изработка на анализи, стратегии  и планови за реформи во администрацијата, а видливите резултати конечно стигнуваат сега, од втората половина на 2019 и цела 2020 година.

Потенцира дека следната недела ќе го пуштат во употреба електронскиот регистер на граѓаните што ќе претставува единствена база на податоци за секој поединец во сите институции.

– Во средината на ноември ќе почне да функционира новиот Национален портал за електронски услуги, што значи дека една од педесетте најбарани услуги што им се потребни на граѓаните ќе бидат достапни на мобилните телефони, без да има потреба да се оди на шалтер. За ова посветивме две години работа и големи инвестиции со конкретна финансиска поддршка од ЕУ, што како процес ќе продолжи и натаму, а кон крајот на идната година ќе го завршиме и новиот процес за дигитализација на сите клучни регистри, односно над 200 документи што сега се на хартија ќе бидат достапни електронски. Во однос на реформите за трансфер на вработените од јавниот во приватниот сектор, сакаме да го идентификуваме вишокот на работни места во институции и ќе понудиме три пакети, истакна Манчевски.

Додаде дека на човечен начин ќе ја решат превработеноста и никој да не изгуби со тоа, затоа што државата ќе заштеди за исплата на плати, работникот ќе остане вработен и ќе има повисока плата, а приватната фирма ќе добие поевтин работник затроа што нема да плаќа придонеси,

На трибината „На прав пат“ градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев направи краток осврт на досега реализираните проекти на локално ниво, при што истакна дека за две години во инфраструктурата се инвестирани осум милиони евра од домашни и меѓународни фондови.