Кози и „Бластерс“, „Џон Вејн“, „Пинк флојд“, „Зи-зи топ“, „Лед цепелин“. Навидум „нестварна“ комбинација. Мислиш, стрип-фрагмент од „Автостоперскиот водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс.
Но, не само што постои туку и функционира. Веќе осум години. Во скопски Раштак.
До пред некое време со долга коса и „рокерка“, денес со сламено шеширче (од кое ѕиркаат кратки локни) и гранче во устата, Давид Неделковски секое утро си потсвирнува додека ги тера козичките по падините на Скопска Црна Гора.
Си муабети со Хана, Црнка, Бранка, На Бранка мајка ѝ, Зорка, Кефсер, Бела, Милка, Беломеше, Велика, Вики, Марјана, Бело чело, ги гали Големата близначка и Малата близначка, Златица, Олга, Дебелгаз, Бамби, Другарчето, Јована, им подвикнува на Мери, Росана, Шарам-барам, Ноџето, На Ноџето сестра ѝ, Хајди, Цицка 1, Цицка 2, Љуба, Петра, Кара… Притоа, внимателно го следат најмалиот јарец Козјак и двата прча Џип и Дизел.
Откако овој несуден басист и археолог, љубител на природата, на слободата, на животните и уметноста, сфатил дека не се пронаоѓа во град, со своите родители заминал од Скопје и се преселил во куќата на баба му и дедо му во село Раштак.
– Студирав археологија, се обидував да направам и бенд. Пробав и да работам. На неколку места. Бев келнер, шанкер, маркетинг-менаџер. Но… сфатив дека не сум човек за во канцеларија, дека не сакам да играм по ничии правила, дека сакам да имам мои песни, не да свирам туѓи. Во меѓувреме, дома „зовриваше“ идејата да се селиме во Раштак. Пред да одлучиме тоа да биде „за стално“, татко ми долго размислуваше на што да се ориентираме за да ја ставиме земјата во функција и да бидеме покрај баба ми и дедо ми. Во опција беа крави, овци, пчели. На крај се одлучивме за одгледување кози зашто имаат најдолг период на лактација и практично, секој ден има продукција, раскажува Давид.
Сè веројатно, вели, било сплет на околности.
Денот му почнува со кафе. Не брза многу да ги „спотне“ козичките. Прво на „раат“ го тера утринскиот ритуал, речиси еден час, па дури потоа се фаќа за работа. Ама, со многу љубов.
– Во овој период од годината можеме да си дозволиме да забушаваме и да спиеме подолго зашто козите веќе не даваат толку млеко, што не е случај напролет. Факт е дека сè уште си ги негуваме градските навики, да спиеме до подоцна, да испиеме прво кафе „натенане“… Најчесто стануваме околу шест, го „влечкаме“ кафето до седум, се качуваме горе на фармата и почнува денот. Им велиме „добро утро“ на козите, секоја си доаѓа на свое место, сами се редат, објаснува Давид.
Тој не прецизира колку млеко даваат козите иако просекот, вели, е околу 2,5 литри дневно. Пасењето е на отворено, што значи влијаат многу надворешни фактори.
– Ако одгледувањето е шталско, со што се избегнуваат и на некој начин контролираат некои од климатските услови, може да се зборува за одредена количина, за некој стандард. Но вака, не. Се случува козата да ја касне пчела или оса по вимето, па да не јаде два дена или ако грми обично има помалку млеко, нагласува Давид и додава дека планот е количините да се зголемат.
Градот сè помалку му недостига. Се соочувал со тешки периоди во неколку наврати за овие осум години, а за да ги надмине „кризите“, ставал во ранец три – четири литри вода и трчал нагоре во планина, колку што го држел здивот.
– Не згрешив. Дури сум и многу среќен што одлучив да бидам партизан, додава низ насмевка.
„Пази кози“ е натписот што ќе ве пречека ако одлучите да избегате од скопскиот асфалт и да ја посетите фармата „Кози млеко планина“. Семејството Неделковски за добредојде ќе ви понуди домашни мекици со козји јогурт.
Потоа ќе видите како ги хранат козите, накусо ќе ви ја раскажат приказната и ако сакате, со Давид ќе заминете да ги пасете. Ќе се изнауживате во боите и мирисите на Скопска Црна Гора, ќе трчате и ќе се галите со козичките.
Потоа, кога ќе се вратите во куќата на Неделковски, ќе имате можност и да си купите некое од домашните козји сирења – младо непастеризирано крем-сирење, сушено и биено.
Од оваа година меѓу производите се вбројува и кашкавалот.
– Хигиената тука е број еден. Објектот го правевме сами. Јас и татко ми. Сè уште не е сè завршено, ниту сме задоволни од тоа како изгледа во моментов, но клучна ни е функционалноста, напоменува Давид.
На еден од ѕидовите на јаслите виси звучникот од каде што постојано се слуша музика на култните, но и на алтернативните светски рок-бендови. Некогаш „рокнат до даска“, некогаш пуштен „на тивко“, божем „свири“ некое дело од Сати или Дебиси.
„Кози млеко планина“ денес брои 72 грла.
Во саботата, 14 септември, кога отидовме кај Давид, всушност беше првиот Отворен ден што го организираше фармата. Вриеше пресреќни дечиња од основното училиште „Песталоци“ и други, „возрасни“ гости. Сите беа еднакво возбудени.
Децата донесоа и цртежи, кои веднаш беа закачени по ѕидовите на јаслите.
Давид им го долови начинот на одгледување кози. Сите внимателно го слушаа и прашуваа. Се „пикаа“ во јаслите, ги закачаа козите. Тие, пак, беа збунети зашто не се научени на толкав метеж. Но, не им требаше повеќе од половина час да се припитомат, да почнат да одат покрај нас, да нè душкаат и да ни грицнат понекој ракав или ногавица.
Повеќе од три часа се движевме низ планината. Се дружевме со козите, собиравме сливи, дренки, шипки.
Денот беше преубав, а искуството треба да се доживее. Веројатно ќе го повториме уште многу пати.
Мирјана Чакарова за МИА