Алсат неофицијално дознава дека полицаецот осомничен за земање мито на граничниот премин со Косово е суспендиран од работа откако претходно беше приведен во полицијата.
Суспендиран е и еден од неговите колеги. Нема да одат на работа сè додека трае дисциплинската постапка. Извори на Алсат информираат дека врз основа на сознанијата од Внатрешната контрола, против него ќе се води кривична постапка.
Во текот на денов беа сослушани и другите полицајци од граничниот премин, а можно е да има и други суспендирани бидејќи постојат сомнежи дека имало соучесници во кривичното дело.
Акцијата на МВР и на обвинителството дојде по емисијата „Стоп“ емитувана на телевизијата Клан во Албанија. Пријавата од еден бизнисмен ги потврди со материјални докази неговите наводи дека му се бара поткуп на граничните премини и тоа не само меѓу Косово и Македонија.
На видео-снимката, обезбедена благодарение на скриените камери, се докажува тврдењата на бизнисменот дека на граничниот премин „Блаце“, полицајци бараат од транспортните претпријатија по 20 евра од патник. Лицето кое ги зема парите е началник на граничниот премин и се вика Елхам Шкрета, вработен на „Блаце“ и дежурен началник на смена. Неговиот колега кој ги држи пасошите во раце и ја одредува цената по патник се вика Зилбехар Ракипи. Во текот на разговорот, возачот на комбето кое превезувало патници се договара со службеникот Шкрета да се одвојат по 20 евра од патник.
Ќе ни ја смалите цената?
Каде си? Таму? Колку лица сте?
Шест лица. Со мене е и новиот возач.
Затворете ја вратата и влезете внатре.
Проблемот е што еден ден ми кажаа дека земате по 30 евра. Му реков не верувам бидејќи по 20 се договоривме.
Брат, само малку затоа што не сакам да зборувам многу. Дали имаат зелен картон за почеток? Не ти е прв пат овде. Секогаш доаѓате и одите за парче леб и ние секогаш сме толерирале. Знаеш, има Господ. Секогаш те почитувавме.
Ме толериравте, но сепак јас ви дадов мито.
Зборувам за себе затоа што знам каков полицаец имам и секогаш сме те толерирале. Неговиот збор е прв и последен.
По 20 евра за овој.
Колку лица има?
Осум, но овие двајца се возачи. Значи шест лица.
И како ќе правиме?
Дај вкупно, да се договориме. Колку вкупно?
120. 120 да, но дали ќе ни простиш за еден?
Не, не, не можам. Никогаш не би простил за 20, но откако дадовте 120, се заврши.
Јас ќе бидам новиот возач кој ќе патува секој ден. Дај уште 20. Ти направи минимално. Ајде срце.
Бизнисменот додава дека на овој начин работат и другите гранични премини, меѓу кои и оној на Табановце кон Србија. За видео-материјалот се смета дека е обезбеден порано, а објавен е по завршувањето на полициската акција што ја преземаа полициите во Албанија и Косово, кога беа уапсени 26 полицајци за злоупотреба на службената положба, поткуп и шверц. Во Македонија, Кривичниот законик за земање поткуп од службено лице предвидува затвор од 4 до 10 години.