Сите три жалби поднесени од сопственикот на „НОЕЛ“ Гевгелија во врска со предметот „Поштенска банка“ се прифатени од Судот во Стразбур, објави адвокатот Петро Јанура.

Во име на Томе Главчев, сопственикот на ‘НОЕЛ’ Гевгелија, поднесени се три жалби до Европскиот суд за човекови права. Жалбите се поднесени во врска со предметот ‘Поштенска банка’ на СЈО, каде што жалителот има статус на осомничен во истрагата. Сите три жалби се прифатени од Европскиот суд, односно успешно ја поминаа првата прелиминарна фаза на испитување на допуштеноста и се проследени на натамошно постапување. Жалбите беа поднесени поради флагрантно кршење на човековите права на мојот клиент, направено со истражните дејства и постапувањата на СЈО и на судот во рамките на истрагата за предметот ‘Поштенска банка’. На барање на СЈО, а со прифаќање на судот, беше извршен личен претрес и претрес на дом и деловни простории, одземање на патна исправа на мојот клиент, како и замрзнување на недвижен имот. Фактите укажуваат на тешко самоволие, односно класична арбитрарност во постапувањето на СЈО и на домашните судови. Станува збор за цел еден сублимат на повреди на човековите права врз мојот клиент, и тоа: право на правична судска постапка, право на почитување на приватниот и семејниот живот, слобода на движење, право на реална жалба и право на заштита на сопственоста, истакнува адвокатот, пренесува Академик.

Начинот на кој е одлучено за овој предмет е доказ дека некои од предметите на Специјалното јавно обвинителство нема да минат во Стразбур.

Поради постапувањата на СЈО и на домашните судови, мојот клиент има претрпено и сè уште трпи штетни последици. Целта на Европската конвенција за човекови права е да го заштити поединецот од арбитрарните попречувања на државата на неговите загарантирани права, вели адвокатот Јанура.