Мешањето на политиката во работењето на Министерството за внатрешни работи во време кога СДСМ раководи со министерството ниту е новина, ниту ме изненадува. Денешната изјава на Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) дека началниците наводно се срамат од министерот Наќе Чулев е само уште еден доказ за таа политизараност, се наведува во реакцијата на м-р Игор Ангеловски, началник на СВР Велес.
Според реакцијата на Ангеловски дадена во електронска форма за медиумите, изјавата на директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, ниту е вистина, а ниту има врска со реалноста.
„А, напротив тој ниту може да знае како ние размислуваме затоа што ниту еднаш досега не организирал колегиум на кој ќе се дискутира за работата на Секторите за внатрешни работи. За Тасевски ликови за комуникација се само луѓето поставени од него и неговите лични пријатели, што е спротивно на сите закони.
Барам од него да ја повлече оваа изјава и да се извини на јавноста, но и на сите нас за ширењето на вакви груби лаги и дезинформации“, се додава во реакцијата.
СВР Скопје во изминатиот период покажа исклучителни резултати во справувањето со криминалот и тоа е факт кој никој не може да го демантира, се наведува во реакцијата на Ристо Ставревски, началник на СВР Скопје
„Неколкуте успешни акции говорат дека актуелната екипираност на СВР Скопје води засилена борба против криминалот и да бидам искрен во таа борба имаме силна поддршка од страна на министерот Чулев.
Напротив Министерот Чулев е тој кој што дава поддршка за неселективната борба против криминалот, додека очигледно директорот Тасевски се занимава со дневна политика.
Како началник на еден од најзначајните Сектори за внатрешни работи ги демантирам тврдењата на Тасевски, истите се груба невистина.
Во оваа прилика барам тој да се извини што ги злопотреби началниците на секторите за внатрешни работи во свесно креирана политичка лага.
Да се ослободи полицијата од спрегите на политиката, а политиката да ја оставиме на дополнителниот заменик Славјанка Петровска“, се наведува во реакцијата на Ристо Ставревски, началник на СВР Скопје
На изјавата на Тасевски реагираше во неделата и началникот на СВР Струмица.
„Смешно е кога некој кој не ги познава законите зборува за негово почитување. Истовремено жално е човекот кој нема допир со работењето на полицијата да кажува како таа функционира. Како човек кој долго време сум дел од работењето на Министерството за внатрешни работи со сигурност можам да кажам дека не се случило Бирото за јавна безбедност да се злупотребува за политички цели, како што е тоа сега, а денешниот настан е типичен пример за оваа злоупотреба.
Министерот Чулев до сега секогаш се залагал за целосно почитување и спроведување на законот и денешните изјави на Директорот Тасевски се само лага и груба манипулација на јавноста. Најдговорно тврдам дека ниту еден од началниците до сега не го кажал тоа што денес го изјавува Директорот Тасевски и од него барам извинување за оваа постапка. Во спротивно денешната изјава јас, но и моите колеги ќе ја сметам како обид за грубо политизирање на работење на Бирото за јавна безбедност, мешање и притисок во работата на Секторите за внатрешни работи и наша злоупотреба во партиски цели“, се истакнува во реакцијата на начални Васил Тодоров, началник на СВР Струмица.
На реакците се надоврзува и првиот човек на охридската полиција.
„Ниту еден збор за пожртвуваноста и посветеноста на полициските службеници, ниту еден збор за покачување на платите на полициските службеници, ниту еден збор за фактот дека Министерството за внатрешни работи во изминатиот период успешно се справуваше со коронавирусот. Само груби лаги и манипилации. Јавноста треба да знае и да биде сигурна јас сум горд што сум дел од тимот кој што ја менува сликата на работењето во Министерството за внатрешни работи, горд сум што дел од високата раководна структура во Министерството со кое раководи Наќе Чулев.
Наводите изнесени во денешната изјава се чисти лаги. Јас, а верувам и ниту еден од моите колеги нема кажано таква изјава и во таа насока инсистирам во иднина да престане злупотребата на моето име и името на моите колеги во политички цели, но и генералното злоупотребување на полицијата со такви намери.
Уште еднаш потенцирам дека во целост ги отфрлам како неточни наводите во истата“, се истакнува во ракцијата на началникот на СВР Охрид, Илија Милески.
И началниккот на СВР Битола ја демантира изјавата на Тасевски поврзана со работата на началниците поставени од Министерот Наќе Чулев. Потенцирам дека во ниту една прилика од наша страна не е кажано дека се срамиме од министерот Чулев.
„Напротив, лично сум горд што сум дел од тимот на луѓе поставени од страна на Наќе Чулев кој досега во многу наврати покажа и докажа дека се работи за професионалец кој одлично си ја знае својата работа. Срамно е Министерството за внатрешни работи да се злоупотребува за добивање на политички поени на дневна основа и за манипулација со јавноста“, истакнува во реакцијата Андреј Василевски, началник на СВР Битола.
И првиот човек на штипската полиција наведува дека никогаш немал изјава како што интерпретира Тасевски чии изјави ги оценува како груба лага и манипулација.
„Јавноста треба да знае и да биде сигурна дека ова се само груби лаги и манипулации изнесени во денешната изјава на Тасевски. Јас, а верувам и ниту еден од моите колеги нема кажано таква изјава и во таа насока инсистирам во иднина да престане злоупотребата на моето име и името на моите колеги во политички цели, но и генералното злоупотребување на полицијата со такви намери
.
СВР Штип во изминатиот период покажа одлично справување со сите видови на криминал како и одржување на поволна безбедносна состојба во поглед на Јавниот ред и мир на подрачјето на СВР Штип.
Јас сум горд што сум дел од тимот кој што ја менува сликата на работењето во Министерството за внатрешни работи, горд сум што сум дел од високата раководна структура во Министерството со кое раководи министерот Наќе Чулев, кој пожртвувано се бори за правата на полициските службеници кои успешно се справуваа во борбата против пандемијата на КОВИД – 19.
Уште еднаш потенцирам дека во целост ги отфрлам како неточни наводите дадени во изјавата“, истакнува во писмената изјава Александар Николов како началник на СВР Штип.
Сашо Тасевски во август 2018 година беше назначен за нов директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ). Тој во јавноста стана познат како полицискиот службеник од обезбедувањето на премиерот Зоран Заев кој извади и употреби огнено оружје во инцидентите во Собранието на 27-ми април 2017-та, дојде на местото на разрешениот Лазо Велковски кој беше отстранет од должноста по аферата со користењето на службеното возило за летување на неговата ќерка.
Од 2001 година има работено кај тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски, во одделот за странски делегации, потоа кај актуелниот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.