Наследивме една колабирана состојба во Национални шуми. Вкупниот долг кој што го наследивме е околу 10 милиони евра, меѓу кои и неисплатени плати на вработените, вели Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во вечерашното интервју во централниот дневник во Тема на денот на ТВ Сител.
Трипуновски посочи дека Владата обезбедила 250 милиони денари за исплата на заостанатите плати во Национални шуми, кои веќе ќе легнат на сметките на вработените.
-Она кое што го направивме на една од владините седници, со ребаланс на Буџетот обезбедивме 250 милиони денари кои што веќе се легнати на сметката на Национални шуми, и веќе платите се пуштени до вработените, за да се стави во функција јавното претпријатие, рече Трипуновски.
На прашањето зошто има помалку лица вработени како сечачи во однос на административци, министерот Трипуновски потенцираше дека Национални шуми има над 1800 вработени, но претходната власт во предизборието вработувала партиски кадри кои немале додадена вредност, само направиле дополнително преоптоварување на буџетот на јавното претпријатие.
-Јавното претпријатие брои над 1.800 вработени. Претходната власт во предизборите вработи повеќе партиски лица кои што немаат додадена вредност, само го обремени по буџет јавното претпријатие и е тотално нефункционално, истакна тој и додаде:
Процентот на сеча е многу мал затоа што повеќе се делеле пари за да се вработат партиски кадри, отколку да се работи.
Трипуновски нагласи дека новиот менаџерски тим во Национални шуми има насока да го истражи сиот криминал од претходното раководство.
-Новиот менаџерски тим во Национални шми има насока најпрво да го истражи целиот криминал кој што е направен и зошто е доведено јавното претпријатие во една ваква катастрофална состојба, дециден е Трипуновски.