Над 200 пожарникари од шест европски земји пристигнуваат во Грција за летово да им помагаат на нивните грчки колеги во гаснењето на пожарите во рамките на европската пилот програма, јави дописничката на МИА од Атина.
Денеска пристигнува првиот тим, пожарникарите од Романија, кои ќе бидат пречекани од надлежниот министер за климатска криза и цивилна заштита на Грција, Христос Стилијанидис.
Во периодот јули- август пожарникари од Бугарија, Романија, Германија, Франција, Финска и Норвешка ќе бидат лоцирани и распоредени во Грција за да помогнат во противпожарната заштита и во размената на знаење и искуство со нивните грчки колеги.
Станува збор за пилот програма имплементирана преку Европскиот механизам за цивилна заштита, со поддршка на Европската комисија.
Лидерите на тимовите од шесте земји веќе се во Атина и во изминатите денови присуствуваа на обука, која успешно ја завршија.
Лани, за справување со пожарите Грција доби меѓународна помош со пожарникари од над 20 земји кои пристигнаа, но откако пожарите беа во тек, па затоа, оваа година, за првпат, пожарникари од шест европски земји пристигнуваат порано и се очекува да бидат распоредени во Атина, Лариса и Триполи.