Ерменското Министерство за одбрана соопшти дека азербејџанските вооружени сили започнале офанзива во северните и јужните делови на регионот Нагорно-Карабах и дека биле соборени три авиони на азербејџанските воздухопловни сили.

Портпаролката на ерменското Министерство за одбрана Шушан Степанјан напиша на Фејсбук дека се водат жестоки борби во северните и јужните делови на Нагорно Карабах и дека непријателот, кој концентрирал големи сили во овие области, започнал офанзива.

Таа исто така наведе дека ерменските единици го запираат напредувањето на непријателот и дека три авиони на азербејџанското воено воздухопловство се соборени во Нагорно Карабах, пренесе агенцијата ТАСС.

Судирите меѓу Ерменија и Азербејџан во спорниот регион Нагорно Карабах повторно избија на 27 септември. Ерменија и Азербејџан прогласија воена состојба и започнаа општа мобилизација на граѓаните. Двете страни објавија жртви, вклучително и цивили

Конфликтот меѓу Баку и Ереван започна во февруари 1988 година, кога автономниот регион Нагорно-Карабах со мнозинство ерменско население прогласи отцепување од Азербејџан.

За време на конфликтот во периодот 1992-1994 година, Азербејџан ја изгуби контролата над Нагорно Карабах и седум соседни региони. Преговорите за мирно решение на конфликтот се водат од 1992 година во рамките на Минската група на ОБСЕ, со која претседаваат Русија, Соединетите Американски Држави и Франција.

Азербејџанските сили го гранатираа главниот град на Нагорно Карабах

Азербејџанските сили утринава го гранатираа главниот град на Нагорно Карабах, Степанакерт, пренесува ерменската новинска агенција Арменпрес.

Како што е наведено, во градот се слушнале три експлозии, а биле погодени и инфраструктурни објекти.

„Азербејџанските вооружени сили започнаа да го гранатираат Степанакерт. Има ранети. Една од гранатите експлодира во близина на центарот на градот “, соопшти Министерството за надворешни работи на Нагорно Карабах.