Самир Љума и Фејми Даут од „Медена земја“ се добитници на наградата за најдобра кинематографија за Документарен филм на 34 доделување на ASC (The American Society of Cinematographers) наградите.
– Најважната награда што еден кинематографер може да ја посака. Благодарам ASC – напиша Љума на својот профил на Фејсбук.
Наградата на кинематограферите им ја додели режисерот Тод Филипс кој во својата најава рече дека ова е „златно време на документарниот филм“.
Македонскиот филм „Медена земја“ е во трката за претстојните оскари во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм.
По победата на американскиот фестивал „Санденс“ лани, „Медена земја“ освои голем број награди, номинaција за европски Оскар, а имаше и одлични критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.
Документарниот филм „Медена земја“ е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.