Наградата „Антево перо“ за 2019 година ѝ се доделува на Александра Димитрова за поетскиот ракопис „Дупка“. Одлуката ја донесе оценувачка комисија во состав: проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), по неколку одржани состаноци.
Наградата „Антево перо“ се состои од печатење на наградениот поетски ракопис. Во образложението за наградата, меѓу другото, е наведено дека стихозбирката „Дупка“ од Александра Димитрова „покажува веќе зрел, софистициран поет, еден хиперсензибилен поетски сеизмограф кој ги бележи и најситните треперења на харфата на човековта душа… меланхолична, архиносталгична и криптографски поставена како кај Анте Поповски, оваа поезија, во овој миг претставува навистина нова вертикала на македонското поетско писмо…“.
Поради извонредно квалитетната поетска продукција, комисијата реши оваа година да додели и две придружни награди „Антев златник“ – златник со ликот на поетот Анте Поповски, кој ќе им биде врачен на Михајло Свидерски, за поетскиот ракопис „Граници“ и на Сузана В. Спасовска, за поетскиот ракопис „Јазикот на светлината“. Нововостановената награда „Антев златник“ ќе се доделува секогаш кога комисијата ќе констатира висок квалитет на пристигнатите ракописи, а бројот на добитниците ќе биде максимално двајца во една година.
Од оваа година оценувачката комисија ја востановува и наградата „Антев часовник“ за млади поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на најмладите наши таленти. Годинава наградата „Антев часовник“ ѝ се доделува на младата поетеса Емануела Ковачевска за поетскиот наслов „Кожена душа“. Добитникот на оваа награда, како и на другите, е рамноправен ексклузивен учесник на манифестацијата.