Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешниот Дневник на Сител телевизија истакна дека хибридниот режим на СДСМ и Заев ќе гради Клинички центар кој е четири пати поскап од оној кој во моментов се гради во Србија.

-ВМРО-ДПМНЕ реагираше така како што реагираше околу изградбата на тој фамозен Клинички центар. Како што гледам сега во овие 8 милијарди евра инвестиции на Заев повторно се најавува и тоа со сума од минимум 500 милиони евра. Овој документ што го држам во рака е за новиот Клинички центар, кој што практично во септември треба да се изгради во Србија, а веќе се гради. И овој Клинички центар во Србија кој што е идентичен на нашиот со 1000 болнички кревети и други работи чини верувале или не – 125 милиони евра. Или четири пати помалку од оној Клинички центар што планира хибридниот режим на СДСМ и Зоран Заев да го изградат. Епа ако ова не е пљачка и криминал во најава, тогаш не знам за што ние зборуваме.

Нашиот концепт за изградба на Клиничкиот центар, рече Мицкоски односно концептот на ВМРО-ДПМНЕ е токму како тој што се гради во Србија, истакна Мицкоски.

Тој потенцираше дека оваа Влада е синоним за криминал, рекет и корупција, поради тоа што секојдневно излегуваат нови скандали на виделина, а последен во низата е скандалот во РЕК Битола. Уште поголем скандал е што одговорните институции наместо да реагираат и да ги приведат луѓето кои правеле криминал, тие се занимаваат со луѓето кои што сметаат дека ги дале информациите до ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски.

-Ние како политичка партија ги доставивме документите и доказите за да се спроведе процедура од ЈО, исто така документите докажуваат дека луѓето кои ги дале информациите не се партиски послушници како што СДСМ сака да ги прикаже пред јавноста, задскривајќи ги криминалите во сопствениот двор, додава Мицкоски.

-Симптоматично за СДСМ и Владата предводени од Зоран Заев е тоа што секогаш кога се фатени со рацете во криминал, тие ја префрлаат топката во туѓи дворови и напаѓаат други политички партии. Наместо да манипулираат со јавноста и секојдневно да лажат со цел да ги сокријат функционерите кои што крадат народни пари, нека се одважат да кажат дека во редовите имаат коруптивни личности, кои што оперираат насекаде низ државата, па и во РЕК Битола, вели Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ е запознаен со низа криминални и коруптивни скандали од страна на власта, но јавноста ќе има шанса да ги види и да сведочи на тие криминали во наредниот период, кога граѓаните ќе можат да ја доусовршат во својата перцепција сликата за оваа криминална власт, заврши Мицкоски.

Што се однесува до преговорите со ЕУ, Мицкоски истакна:

-ВМРО-ДПМНЕ посакува датум во јуни, но за жал такво нешто најверојатно не е возможно поради тоа што Европската унија гледа до кој степен во нашата земја владеат криминалот и корупцијата, а тоа сигурно не се вредностите кои што ќе и помогнат на Република Македонија на патот кон евроинтеграциите, вели Мицкоски.

“Зоран Заев изминатите години покажа како не треба да се водат преговорите, поради тоа што во сите процеси кои што беа започнати, единствена страна со претрпена штета е Република Македонија и нејзините граѓани. Националниот идентитет е клекнат на колена само поради тоа што Заев ја стави на распродажба државата и нејзината историја. Сите знаеме дека Зоран Заев е спремен се да потпише со Република Бугарија само да се додвори пак со раката на срце, но овој пат не знаеме што и дали ќе прифати другата страна”, додава Мицкоски.

-ВМРО-ДПМНЕ и во изминатите неколку денови застана цврсто на ставот дека нема да поддржи никаква дополнителна измена или отстапка во преговорите со Бугарија, бидејќи Република Македонија отстапи многу повеќе од што смееше да се дозволи. За ваквиот став беше известен и Европскиот совет кој треба да почне реално да гледа на работите и да престане со притисокот врз државата. Република Македонија е земја која што заслужува да биде дел од европското семејство, но не смее да се дозволи ваква власт да продолжи да ја урнисува земјата, бидејќи така Европската унија ќе остане недостижна, заврши Мицкоски.