Исландскиот музеј на фалуси во Рејкјавик може да се пофали со најголема колекција на пениси во светот. Изложени се 215 машки полови органи на луѓе и копнени и морски цицачи. Најмалиот од 2 милиметра е на морско прасе, а најголем е на китот – 1,7 метри. Може да се видат и примероци на машки сирени, духови и виленици. Музејот е отворен во 1997 година. Седумдесет отсто од посетителите се жени.

Во Њу Делхи има музеј кој ве води на возбудливо патување низ историјата на канализацијата. Тоа е музеј на ВЦ-шољите. Поделен е во три секции – древна, средновековна и модерна. Тука е историјата на ВЦ-шољата стара повеќе од 4.500 години.

На периферија на Париз има музеј на вампири. Во него има приватни колекции на самопрогаслени вампиролози. Изложени се експонати – од мрежа за фаќање вампири од 19 век, мумифицирана мачка и самострел. Се верува дека тој музеј е проколнат.

Во Јапонија постои музеј посветен на инстант нудлите. Посетителите може да одберат некој од многубројните вкусови и да направат своја порција.

Во Хрватска има музеј на пропадната љубовни врски. Во него се предмети донирани од луѓе со скршено срце од светот. Може да се види секира употребена за уништување мебел на партнерот што извршил прељуба, килоти и подароци од Денот на вљубените.

Во Британија има музеј на огрлици за кучиња. Има такви од злато, сребро и со скапоцени камења. Речиси половина милион луѓе годишно го посетуваат тој музеј.

Во Мексико во градот Канкун има подводен музеј. Вистинска атракција со повеќе од 400 скулптури. Во Турција во градот Аванос има музеј посветен на косата. Таму има коса од 16.000 жени.

Во Вашингтон постои музеј на банани основан од Ана Мичел Лов. Собрала и изложила околу 4.000 предмети поврзани со тоа овошје.

На Тајланд има Медицински музеј познат како Музеј на смртта. Експонатите се разни – од мозоци по излив на крв, нозе, раце, и черепи со рани од куршуми. Ембриони со генетски пореметувања, а во форензичкиот дел има тела на жртви од несреќи, убиства и мумифицирано тело на познат локален жител.