Во понеделникот, новиот државен секретар на САД, Мајк Помпео најави санкции против Иран какви што светот досега не видел. Утре, пак, во Виена се среќаваат претстваниците на Франција, Германија, Велика Британија, Русија и Кина, за да видат што може да се спаси, вели во својата анализа за бугарскиот весник 24 часа, Валериј Најденов.

Тој смета дека санкциите против Иран се всушност објава на трговска војна на САД против Европа, па оттука и нужноста од утрешната средба во Виена.

Но, според авторот, едвам дека дошло времето кога Европа може да влезе во некаков сојуз со Русија во овој случај, а контра САД. Германија и Франција, истакнува Најденов, се на различни позиции и нема да можат да се разберат за координарини дејствија против Трамп. Велика Британија, според него, во никој случај не може да се смести во групата на земји кои влегуваат во некаков антиамерикански заговор и таа испраќа претставник во Виена само за да може да внесе некаков смут и раздор со што би попречила било каков заеднички настап. Кина, пак, секогаш се повлекува, односно отстапува избегнувајќи директен конфликт, а потоа, на мир, си ја игра својата игра.

Малку посложен е случајот со Русија, вели Најденов. Таа би требало да се радува ако успее да создаде некаков антиамерикански блок од овој состав на земји во кој се трите главни сили на Европа, но од друга стрна, ситуацијата со Иран драстично ја зголемува цената на нафата, што за Русија е исклучително поволен факт и факт за радување. Пред три ипол години цената на нафтата беше 50-55 долари за барел, денес е околу 80 долари, а многу предвидувања истакнуваат дека бргу ќе стигне до цена од 120 долари по барел.

Сепак, наведува Најденов, во групата на земји кои ќе се спасат и ќе имаат исклучителна печалба од санкциите против Иран кои носат високи цени на нафтата, е сојузникот на САД – Саудиска Арабија. Таа неколку години има високи буџетски дефицити, поради ниската цена на нафтата и поради раскошните навики создадени во државата која не знае што значи тоа „стегнување каиш“, па дошла во ситуација да продава еден дел до својата златна кокошка – нафтената компанија АРАМКО, чија вредноста се проценува на сума меѓу 14 и 21 трилиони милијарди долари, што е отрпилика еднакво на годишниот БДП на САД и еднакво на долгот на САД кој изнесува околу 100 отсто од БДП.

Полза би требало да има и Венецуела, која лежи на исклучително богати резерви на нафта, а која ниските цени ја доведоа пред банкрот. Затоа, САД наложија цврсти санкции против оваа земја, за да не може да се опорави и при вакви цени на нафтата.

Во групата на тие кои печалат од ситуацијата со Иран секако се и американските производители на нафта, како и производителите на нафта од шкрилци која при цена од 50 долари едноставно не се исплати да се произведува.

Ако земеме дека се е така како што ни се претставува, вели Најденов, и ако станува збор за човековите права, тогаш прва земја на листата која САД треба да ја блокираат е Саудиска Арабија, Но тоа е не е така, што упатува на други заклучоци за санкциите против Иран.

Она што го загрижува Најденов е фактот дека високите цени на нафтата ставаат крај на и онака скромниот економски растеж на Европа од 2 до 3 отсто годишно. Сега, и тоа малку што постои по економската и должничката криза, се ризикува да го снема.

Цената кај нас, во Бугарија, истакнува Најденов, лесно може да стигне до 4-5 лева (едно евро е два лева, н.з.) Но, секое зло за добро – ете така ќе добиеме почист воздух, додава авторот.

Може ли Европа да се спротивстави, како што се заканува, прашува авторот. Веројатно може, додава тој, но само ако е единствена. А не е. Франција настојува да издејствува контра санкции и тврда линија, додека Германија нема намера да се спротивставува на САД. Според Најденов, Меркел нема никаква намера да ја вметнува Германија во некаков сојуз против САД. Таа нема да се откаже од Северен поток 2 како што бара Трамп, но нема ни да учествува во некакви антиамерикански друштва.

Разликата во „воениот дух“ на двете земји контра САД, според Најденов, исто така има свои нафтени корени. Француската компанија Петрол имала голми амбиции во Иран, и најавените санкции сето тоа би го урнале. Германија нема такви компании, а останатата трговија на двете земји со Иран не е од некои значајни размери за да се влегува во „војна“ со САД.

Трговијата меѓу САД и ЕУ во 2016 година изнесувала 685 милијарди долари при што САД е во дефицит од 147 милијарди евра (лани тој дефицит изнесувал 151 милијарди, н.з.).

Затоа, истакнува Најденов, европските земји ќе почекаат до изборите во ноември, за да видат дали демократите ќе извојуваат мнозинство во Конгресот што би им овозможило во првата прилика да поведат постапка за импичмент против Трамп.

Но на крајта, се ќе испадне како во онаа анегдота за „минатиот пат во Одеса“. Имено, патувале диви животни со воз до Одеса, и зајакот некое време свикал дека му го нема коферот. „Да се врати веднаш, за да не биде како минатиот пат во Одеса“, се заканил. Лавот го кренал за уши и го прашал: А што се случи минатиот пат во Одеса? Ништо рекол зајакот, останав без кофер, завршува Најденов.