НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во скопското кино Култура премиерно е прикажан „Мирно лето“, прв македонски филм од македонски режисер

/ 18.05.2022

Премиерата на првиот македонски филм, режиран од македонски режисер, се случила на денешен ден пред 60 години. На 18 мај 1961 година во скопското кино Култура била премиерната проекција на филмот Мирно лето од македонскиот режисер Димитрие Османли.

Автор на сценариото за филмот е Фрида Филиповиќ, а улогите ги толкуваат: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Дарко Дамески, Илија Милчин, Мери Бошкова, Петре Прличко и Стојка Цекова.

Филмот кој трае 99 минути е сниман со 35- милиметарска камера, во црно-бела техника и истиот е првата македонска филмска комедија.

Во тогашна социјалистичка Македонија, младиот научен работник Заре Мисевски и неговата сопруга Мира, костимограф во театар, живеат во изнајмена соба како потстанари, постојано изложени на вознемирувања и љубопитност на соседите.

Но, на Заре му е доверен Етнографскиот музеј во Охрид, за да го среди. Тоа за семејството Мисевски е одлична прилика за бегство во оаза на мир и тишина, и тоа токму во летни месеци, што е одлична прилика да се биде во Охрид.

Несебичното семејство приликата сака да ја сподели со пријателите…

Лето е, Заре и Мира се сместени во Охрид, во музејската зграда. Заре работи на својот проект, а Мира слика.

Но, проблемите почнуваат кога еден ден, на гости им доаѓа колешката на Мира, Дара Љубина, разочарана од неславниот крај на последната љубовна врска. Револтот на Заре се уште не е стивнат, а во нивниот привремен дом доаѓа и Нестор Гиевски, некогашен факултетски професор на Заре, кој патувајќи кон Грција, наминал кај нив на одмор.

На новонастанатата ситуација, Заре и Мира бргу се привикнуваат, но не за долго. Братот на Мира, со своето друштво, дошол на гости кај сестрата и зетот. Зградата на музејот се полни со неканети гости. Во двориштето стигнуваат стрикото и стрината на Заре и семејството Поп-Коцеви, кои имаат проблеми со сместувањето во Охрид, па на покана на стрико Тале, и тие доаѓаат во музејот. Ситуацијата во куќата веќе не може да се контролира, зашто владее општ метеж…

Тоа е накратко сижето од првата македонска филмска комедија.

Мирно лето е прв македонски филм режиран од македонски автор, а првиот македонски игран филм е Фросина, снимен во 1952 година, споре сценарио на Владо Малески, а во режија на Воислав Нановиќ.

Снимател бил Киро Билбиловски, а музиката ја компонирал Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија бил Трајче Попов. Премиерата на Фросина, била на 28 јуни 1952 година, исто така, во скопското кино Култура.

Главната улога, ликот на мајката, го толкува Мери Бошкова, а во другите улоги играат Ацо Јовановски, Петар Вељановски, Предраг Наѓа и други.

И Фросина, кој трае 79 минути, е снимен во црно-бела техника, со 35 милиметарска камера. Жанрот е социјална драма, која ја обработува темата на печалбарскиот живот, војната и трагичниот живот на една мајка.

(Подготвил: Д.Г.)


Од истата категорија