Украина објави дека Русија бомбардирала повеќе од сто населени места во последните 24 часа, најмногу во еден напад од почетокот на годината, објави Еуроњуз.
„Во последните 24 часа непријателот бомбардираше 118 населени места во десет региони“, објави украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко на социјалните мрежи, истакнувајќи дека тоа е „најмногу од почетокот на годината“.
Покрај тоа, нападната е и рафинерија за нафта во Кременчук во центарот на земјата. Во нападот нема жртви, но повеќе од стотина пожарникари го гаснеа пожарот неколку часа, рече тој.
Украина и нејзините западни сојузници стравуваат дека Русија ќе ги интензивира нападите врз енергетската инфраструктура на Украина пред зимата, како што направи минатата година, објави Еуроњуз.
Едно лице загина во бомбардирањето во текот на ноќта во регионот Харков, а друго во регионот Херсон.
Во рускиот напад загина и жител на областа Запорожје, а четворица се повредени во напад со руски дрон во Никопол на југот на земјата.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека во текот на ноќта собориле 18 од 20 руски беспилотни летала.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека соборило два украински беспилотни летала над регионите Брјанск и Курск, кои граничат со Украина.