Потпишан договорот за изградба на гасниот интерконектор со Грција, на делницата од Гевгелија до Неготино. Македонскиот дел е долг 68 километри. Треба да биде готов за 22 месеца и да профункционира во 2027 година.

Ова е најголемата енергетска инвестиција во последните десет години, вели министерката Божиновска.

„Кога дојдов на местото министер првата вест што ја дочекав летоска беше дека тендерот кој беше 9 месеци е поништен и беше предизвик за сите нас да продолжиме незнаејќи дали ќе добиеме повисока цена, што ќе се случува и еве на крај конечно тука денес ќе се потпише договорот за изградба. За нас е важно што е локална македонска фирма и што цената е 12 милиони евра поевтина од претходно добиената. 12 милиони евра се сериозни пари кои може да се пренаменат и да се употребат за нешто друго во енергетскиот систем“, рече Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Сега избраната Рапид Билд понудила најниска цена од 59,9 милиони евра, што била за 12 милиони евра пониска од второрангираната понуда на фирма од Србија. Проектот предвидува 68 километри модерна инфраструктура, а со изградбата на интерконекторот која се очекува да заврши во 2027  година, Македонија ќе има можност да се снабдува и со природен гас од терминалите во Ревитуса и Александруполи, односно ќе се намали зависноста од само еден извор. Моментално конекција имаме само преку Бугарија.

Според Божиновска, природниот гас ќе придонесе за намалување на загадувањето особено во општините каде се уште се користи нафта, јаглен и дрва за затоплување.

Изградбата е финансирана од Владата и европските банки и чини околу 60 милиони евра.

„Потпишувањето на договорот со домашна компанија претставува и потврда за капацитетот и понудата на домашниот пазар, преку одредбите за квалитет, компетентност и особено значајно во контекст на современите економски услови финансиска исплатливост“, изјави Мухамет Елмази, извршен директор на НОМАГАС.

Од компанијата изведувач велат дека веднаш ќе почнат со работа на терен и ги имаат потребните ресурси за сите фази.

„Си ја знаеме работата. Стручно, обучени, добар персонал. И мислам дека нема да имаме никаков проблем да го завршиме овој проект квалитетно и навремено“, рече Тони Каранфиловски, сопственик на „Рапид Билд“.

Вкупната должина на целиот гасовод е 123 километри, а од грчка страна е речиси готов.