Германската економија нагло го губи здивот, поради што аналитичарите сметаат дека европската економска локомотива се приближува до рецесија.
Нови податоци за движењето на германскиот бруто домашен производ (БДП) сè уште нема, но многумина проценуваат дека таа земја успеала да избегне рецесија во втората половина од минатата година, за разлика од Италија која подлегна на тоа.
Сепак, аналитичарите се загрижени за случувањата во оваа година, бидејќи неповолните вести се нижат една по друга.
Активноста на германската индустрија кон крајот на јануари падна на најниско ниво во последните пет години, прв пат бележи пад, покажа анкетата на лондонска куќа IHS Markit, спроведена меѓу 500 индустриски компании. Според американскиот „Marketwatch”, тоа најавува проблеми за цела Европа – не само економски, туку и политички.
За брзината на слабеењето на германската преработувачка индустрија сликовито говори нејзината активност изразена во PMI индексот на Markit. Индексот се сруши од 61 поен во јануари минатата година на 49,7 поени на крајот од јануари оваа година.
Кога индексот PMI надминува 50 поени, тоа значи зајакнување на економската активност, додека индексот под 50 значи нејзино намалување или рецесија.
Дека работите одат надолу, свесна е и германската влада, која на крајот на јануари одеднаш ги намали очекувањата за економијата. Во октомври, таа веруваше во раст на германската економија во 2019 година со стапка од 1,8 отсто, за потоа да ги намали прогнозите на 1 отсто. Многумина мислат дека ова не е последното намалување на прогнозата, бидејќи на сличен начин постапуваат и Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и други.
Аналитичарите не се изненадени од вчерашните податоци за 19 членки на еврозоната, кои покажуваат дека расположението на инвеститорите (Sentix Index) паднало на најниско ниво за пет години.
Експертите на Маркит велат дека индексот PMI, кога станува збор за активност на целиот приватен сектор на еврозоната, исто така, падна на 51 поен во јануари, најниско од 2013 година. Ако работите не се поправат, аналитичарите велат, еврозоната ќе се лизне во рецесија, третата во последните десет години.