Во Турција тие се прогонувани како терористи. Во Ирак беа жртви на геноцидот извршен од Садам. Во Сирија тешко се одбранија од Исламската држава, сега се предадени од Американците, нападнати од Турците, а режимот на Асад сака повторно да ги покори.
Тие се Курди, најголемиот народ без татковина во светот, пишува загрепски Индекс.
Помеѓу 25 и 35 милиони членови на оваа иранска етничка група живеат во огромното планинско подрачје познато како Курдистан. Овој транснационален регион вклучува дури пет држави на Блискиот Исток: југоисточна Турција, североисточна Сирија, северен Ирак, северозападен Иран и југозападна Ерменија.
Станува збор за еден од домородните народи од подрачјето на античка Месопотамија и четврти најголем народ на Блискиот Исток. Тие го одржуваа својот единствен идентитет, култура и јазик стотици години, иако немаат сопствена држава и живеат како номади.
Курдистан по распаѓањето на Османлиското Царство е поделен меѓу пет земји
Тие живееле на овој начин до крајот на Првата светска војна, кога Османлиската Империја, чии поданици биле, се распаднала, а западните колонијални сили воспоставиле нови држави, честопати поделувајќи ги по произволни граници. Ирак, земја населена со Курди, арапски сунити и арапски шиити, е најдобриот пример за ваквите „вештачки создадени“ држави.
Во таа поделба Курдите останаа изиграни прв, но не и последен пат. Севрскиот мировен договор, склучен меѓу сојузниците од Антантата и Отоманската Империја, предвидуваше референдум за жителите на Курдистан, каде што тие би одлучиле за нивното национално самоопределување. Но, Севрскиот мировен договор беше заменет со Договорот од Лозана во 1923 година, во кој веќе не стана збор за курдско самоопределување.
Во текот на следните 80 години, како што пишува Би-би-си, секој обид на Курдите да основаат своја држава е брутално задушен. И во сите овие земји тие беа дискриминирани и прогонети, во поголема или помала мера.
Во денешна Турција, каде што претставуваат меѓу 15 и 20 отсто од населението, курдските востанија во 20-тите и 1930-тите не само што беа задушени, туку турските власти, предводени од претседателот Мустафа Кемал Ататурк, одговорија со раселување бројни Курди, задушување на Курманџи и други курдски јазици и забранувајќи ги курдските имиња и обичаи, дури и самиот курдски идентитет.
„Планински Турци“
Курдите погрдно се нарекувани „планински Турци“. Обидот беше не само да се асимилираат и да им се одземе сопствениот идентитет, туку и да ги понижат како примитивни и граѓани од втор ред.
Но, во 1978 година започна нов период на бунт кога Абдула Оџалан ја основаше радикалната Курдска работничка партија (ПКК), која, шест години подоцна, започна герилска вооружена борба против турските власти. Во 40 години речиси континуирана граѓанска војна меѓу ПКК и турската армија и полиција, убиени се десетици илјади војници, борци и цивили, претежно од курдска страна, а стотици илјади Курди се раселени.
ПКК првично следеше мешавина од револуционерен социјализам од марксистичко-ленинистички вид и курдски национализам, чија цел беше воспоставување независен Курдистан. Поради вооружените напади врз воени, како и цивилни цели и политички атентати, ПКК беше прогласена за терористичка организација од страна на Турција, а потоа и од САД, Велика Британија, Европската Унија и НАТО.
Но, откако Оџалан беше уапсен и осуден на доживотен затвор во 1999 година, ПКК започна идеолошка трансформација кон таканаречен демократски конфедерализам, специфична идеологија со анархистички тенденции и визија за регионална автономија наместо независност.
Воспоставено е примирје од 1999 до 2004 година и од 2012 до 2015 година, кога турската армија започна нова офанзива против упориштата на ПКК. Илјадници цивили и борци беа убиени, а курдските градови како Цизре речиси срамнети со земја.
Садамовиот геноцид над ирачките Курди
Ниту ирачките Курди не беа поштедени од ѕверства поради својата борба за слобода и автономија. Мустафа Барзани ја основаше Демократската партија на Курдистан (КДП) во 1946 година, која во 1961 година започна вооружена борба против режимот во Багдад. Ирачкиот режим во 1970-тите започна да населува Арапи во областите со мнозинство Курди и да ги раселува Курдите, што се забрза под Садам Хусеин во осумдесеттите години на минатиот век.
Американците првпат ги изневерија Курдите во 1970-тите, кога Ричард Никсон започна со вооружување на Курдите на наговор на иранскиот шах за да го дестабилизира Ирак, кој стана советски сојузник. Кога шахот склучи договор со Багдад, САД исто така ги оставија Курдите на цедило.
Во осумдесеттите години на минатиот век, откако Курдите застанаа на страната на Иран во војната Ирак – Иран, Садам Хусеин почна странична одмазда. Во напад со хемиско оружје врз курдскиот град Халаџа во 1988 година, во еден ден загинаа меѓу три и пет илјади луѓе, а градот беше разорен до темел.
Од 50.000 до 180.000 ирачки Курди се убиени во целата геноцидна офанзива Анфал.
Но, само три години подоцна, откако Американците ги уништија ирачките сили во Заливската војна и во операцијата Бура, Американците ги повикаа Ирачаните да застанат против Садам. Курдите ги послушаа, како и шиитите, надевајќи се дека ќе добијат судбинска воена поддршка од САД. Немаше поддршка. Садам и овој бунт го задуши во крв. Сепак, САД направија барем нешто – воспоставија зона на забрането летање над ирачки Курдистан, со што спречија понатамошни масакри и на Курдите им овозможија автономија.
Геноцид над језидите
А во 2003 година, кога САД, предводени од Џорџ Буш Помладиот, конечно решија да се справат со Садам, Курдите повторно беа лојални сојузници. Две години подоцна беше воспоставена Курдска регионална влада, предводена од синот на Барзани, Масуд. Во 2017 година Барзани одржа референдум за независност на Курдистан. Деведесет отсто од гласачите гласаа за независност, но Багдад едноставно го поништи референдумот.
Иако Курдите по вера се претежно сунитски муслимани, меѓу нив има шиити, алевити, христијани, зороастријанци и језиди. Јазидите, кои ги има помалку од еден милион и живеат во Ирак, беа жртви на геноцид што над нив го изврши Исламска држава во нивниот варварски обид да се искорени неисламската религија на територијата што ја окупира во 2014 година.
Но, сириските Курди, исто така, беа цел на џихадистите од ИСИС поради нивното секуларно расположение и еманципација на жените. Под водство на Партијата за демократско единство (ПЈД), која исто така го следи учењето на Оџалан, и заштитата на нејзиното вооружено крило, Силите за заштита на народот (ЈПГ), сириските Курди воспоставија автономија во Рожава, североисточната провинција на Сирија во која тие се мнозинство, откако во земјата изби граѓанска војна меѓу режимот на Башар ал Асад и бунтовниците. Курдите, се разбира, и во Сирија пред војната беа жртви на насилна репресија.
Се бореа против непријателите на човештвото, за возврат предадени и напуштени
Иако поради нивната релативна неутралност, најлошите воени ужаси ги заобиколија, курдскиот град Кобане е уништен во безмилосната опсада на ИСИС. Уништен, но не и освоен. Во последен момент воздушните напади на американската армија ги запреа џихадистите и ги спасија малобројните ветерани од редовите на ЈПГ. Така започна уште еден историски пресврт за Курдите – со сплет на околности тие станаа сојузници на најголемата светска сила, во заедничката борба против таканаречениот калифат, кој имаше амбиција да се протега до Атлантикот.
Курдите, како што цинично забележа американскиот претседател Доналд Трамп, се бореле за својата земја. Но, тие исто така се бореа за вредности што се заеднички за целиот цивилизиран свет – демократија, секуларизам, еднаквост меѓу жените и малцинствата, против верскиот фанатизам, варварство и терор.
Сириските демократски сили (СДФ), составени од курдските ЈПГ и арапски сојузници, ја извршија својата мисија. Со нивните борци на копно и американско оружје, обука и воздушна поддршка, престолнината на калифатот Рака беше ослободена во 2017 година, а калифатот беше целосно уништен во март оваа година. Во таа борба загинаа 11.000 борци на СДФ.
За волја на вистината, тие, како ниедна друга фракција во војната во Сирија, не се целосно невини. Нивното ослободување на териториите од ИСИС беше придружено со обвинувања за протерување на некурдското население, а Рака беше ослободена по огромна цена во животите на цивилите, но и со обвиненија за ослободување на џихадистите. Но, во споредба со другите страни, Курдите имаат далеку најпозитивно салдо.
И сега, кога на САД веќе не им се потребни – или кога Трамп смета дека веќе не им требаат – тој ги остави на милост и немилост на Турција, која апсурдно повлекува црта на еднаквост меѓу нив и ИСИС, цинично повикувајќи се на борба против тероризмот. По сè што претрпеа и по сè што направија за своите сојузници, им се заканува масакр, можеби нов геноцид, доколку инвазијата не биде запрена навреме.
Курдите можеби не биле со Американците и сојузниците на плажите на Нормандија. Но, тие беа таму каде што беше еднакво важно и тие не го заслужија предавството што им беше сервирано. Едно е сигурно – тие на ова ќе гледаат како потврда на нивната стара изрека – дека немаат пријатели освен планините.