Најмалку 4.000 лица со жолти елеци, според полициски извори, излегоа да демонстрираат во Париз. Демонстрантите се собраа во 14 часот на плоштадот пред градското собрание на Париз, пред да се упатат кон Националното собрание, при што беа блокирани на кејот на Сена, јави дописникот на МИА.
Судирите со полицијата избувнаа во близина на брегот на Сена, кога демонстрантите сакаа да поминат преку мостот на реката. Притоа, речен брод беше делумно изгорен. Полициските сили и мобилните жандарми користеа солзавец. Имаше и обиди за палење канти за ѓубре на булеварот „Сан Жермен“. Демонстрантите беа блокирани пред музејот Д’Орсеј, каде имаше силни полициски сили со водени топови.
Тензии исто така имаше и во Бове, Рен, Нант и Руан. Две оклопни возила и два водени топови биле стационирани пред градското собрание на Бордо, откако претходните протести во овој град завршуваа со насилни судири со полицијата.
Ова е осма сабота на мобилизација на движењето „Жолти елеци“.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека на собирите ширум Франција во 15 часот имало 25.000 „жолти елеци“, јави дописникот на МИА.
Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, преку Твитер, повика на „одговорноста и на правото” по инцидентите кои се случија на манифестациите во Париз и другите градови.
– Во моментот кога има тензии и насилство во Париз и во некои други агломерации, јас ги свикав одговорните и претставници на силите на безбедноста на видео конференција во Министертсвото за внатрешни работи, при што ги повикав сите на одговорност и почитување на правото, напиша Кастанер на Твитер.
Тензии освен во Париз, исто така беа регистрирани во Нанси, Троа, Бове, Рен, Нант и Руан. Две оклопни возила и два водени топови биле стационирани пред градското собрание на Бордо, откако претходните протести во овој град завршуваа со насилни судири со полицијата.
Ова е осма сабота на мобилизација на движењето „Жолти елеци“ и иако има знаци на намалување на мобилизацијата, сепак, движењето не запира.