Најмалку 40 работници загинаа во експлозија во рудник за јаглен во северна Турција, потврди денеска турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, јавува Анадолија.

– Имаме 40 мртви. Во болниците има 11 повредени, меѓу кои шест во градската болница Кам и Сакура, а тројца во државната болница Бартин, двајца во приватна болница. Еден повреден е пуштен од болниц“, изјави Сојлу, кој е на местото на несреќата.

Сојлу додаде дека 58 рудари од вкупно 110 биле спасени.

– Имаме неизвесност за еден од нашите рудари, потрагата и спасувањето моментално е во тек, додаде Сојлу.

Експлозијата се случи на 300 метри под земја во рудник за јаглен во црноморската крајбрежна провинција Бартин вчера во 18:15 часот по локално време (15:15 часот по Гринич).