Најмалку двајца загинати и пет повредени е билансот од пожарите и инцидентите во прифатниот центар Мориа на грчкиот остров Лезбос, според информациите во локалните медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Од засега непознати причини попладнево избиле два пожара, едниот во близина на центарот за прием и идентификација, којшто бил брзо изгасен, другиот во внатрешноста, во којшто, според медиумите, животот го загубиле една жена и едно дете, чии јагленосани тела биле пронајдени и пренесени во болница, а предизвикана е и материјална штета.
Бегалците и мигрантите со камења и предмети ги нападнале пожарникарите, отежнувајќи им ја нивната работа, а веднаш потоа избиле и инцидентите меѓу лицата сместени во прифатниот центар и полициските сили кои употребиле шок бомби и солзавец.
Засега, повредени се пет лица и пренесени во болница, без да постојат дополнителни информации.
Од грчката полиција соопштуваат дека силите на островот се засилуваат со испраќање полицајци, а за Лезбос заминува и началникот на полицијата и генералниот секретар за миграциска политика.
Управителите на Центарот за прием и идентификација на бегалци и мигранти, заедно со вработените го напуштиле центарот.