Народната партија на Австрија (ОВП) на поранешниот премиер Себастијан Курц, според резултатите на излезните анкети, убедливо победува на денешните предвремени парламентарни избори во Австрија, објави српскиот портал Блиц.

Според излезните анкети на телевизијата „Ое24“ во соработка со агенцијата „Рисрч аферс“, ОВП освоила 37 отсто од гласовите, што е 5,5 отсто повеќе во споредба со 2017 година, кога партијата на Курц имаше освоено 26,9 отсто од гласовите.

Втора е Социјалдемократската партија (СПО) со 23 отсто од гласовите, што е за 3,9 отсто помалку во споредба со минатите избори.

Партијата за слобода (ФПО), неодамнешниот коалициски партнер на ОВП, освои 9 отсто помалку гласови, што значи дека тие освоиле 17 отсто од гласовите. ФПО претрпе тежок пораз на изборите како последица од аферата „Ибица“ на нивниот лидер Ханс-Кристијан Штрахе.

Во парламентот се враќаат и Зелените кои остварија најголем скок со 8,2 отсто, и освоија 12 отсто гласови.

Во новиот состав на парламентот ќе бидат и Неос, кои сега имаат осум отсто, за 2,7 отсто повеќе од 2017 година.

Пратеничките клупи ќе ги напуштат пратениците од коалицијата „Сега“ на Петер Пилц, кој не го минаа цензусот поради тоа што освоија само два проценти на гласови.