Бројот на пријавени случаи на коронавирус опаѓа во последниот месец ширум светот и денеска е најмал од средината на октомври, покажуваат податоците на Ројтерс, пренесува Хина.

Опаѓањето на бројот на инфекциите се совпаѓа со мерките за затворање и ограничувањата за собирање и движење, додека владите се обидуваат да ги усогласат рестриктивните мерки со враќањето на работниците на работа и децата на училиште. Но, оптимизмот дека ќе помине кризата се намалува со појавата на нови варијанти на вирусот и поголеми се стравувањата околу ефикасноста на вакцината.

– Сега не е време да се опуштиме, рече Марија Ван Керхове од Светската здравствена организација на прес-конференција во Женева.

– Не смееме да се доведеме во ситуација повторно да расте бројот на случаи, додаде таа.

Врз основа на просекот од седум дена, денеска во светот се пријавени 351.335 нови случаи во споредба со регистрирани на 86.0737 на 7 јануари. Бројот на починати се намали од 17.649 на 26 јануари на 10.957 на 16 февруари.

Новите случаи се намалуваат во САД до просечно 77.883 нови инфекции на ден. Тоа е 31 процент во споредба со најголемиот број случаи пријавени на 8 јануари. Во САД, 27.9 милиони се заразени и 490.795 луѓе починаа од почетокот на пандемијата, што е најмногу во светот.