25 април 2019
Индекс.хр – Загреб
Иако се знае за нив, на светот постојат неколку места до кои речиси никој не смее да пристапи, особено „обичните смртници“. Во таа категорија главно спаѓаат тајни историски простории, елитни клубови и далечни локации изолирани така што до нив е речиси невозможно да се дојде. Ова се некои од нив во кои веројатно никогаш нема да можете да смеете ниту да ѕирнете.
Големиот храм Исе
Големиот храм Исе е комплекс составен од сто храма посветен на божицата на сонцето Аматерасу, кој Јапонците го сметаат за најсвето место во земјата. Постои од четвртиот век пред Христа, а до него можат да пристапат само врховни свештеници и свештенички, кои мора да бидат припадници на јапонското кралско семејство.
Во неговиот главен храм наводно се чува огледалото Наику, најважниот артефакт од јапонската историја. За него се верува дека на сопственикот му дава посебна моќ. Интересно е да се истакне дека овие храмови се уриваат и повторно се градат секои 20 години, со што се глорифицира шинтоистичката идеја за смртта и повторното раѓање.
Џентлменскиот клуб Вајтс (Whites Gentlemen’s Club)
Лондонскиот клуб е основан во 1639 година и е едно од најелитните места на светот, а за да му се пристапи, мора да ве поканат најмалку тројца членови. Исто така, ако сте жена, можете да заборавите на влез.
Џентлменскиот клуб Вајтс најмногу е познат по книгата за облози што се чува во него, а станува збор за необични и малку бизарни облози, меѓу кои и оној во износ од три илјади фунти вложени на капка дожд, кога играчите се обложувале која капка најбрзо ќе падне од прозорот.
Бохимијан гроув (Bohemian Grove)
Бохимијан гроув е камп во мала шума која се наоѓа во Боемската авенија во Монте Рио, Калифорнија, за кој се смета дека од 1899 година е место на кое две недели се собираат највлијателните луѓе на светот. Просторот е во приватна сопственост и му припаѓа на Боемскиот клуб, а служи за одмор на познати уметници, сопственици на компании, политичари, и други моќници.
Јавноста не беше премногу запознаена со работата на овој клуб сè до 2005 година, кога американскиот новинар Алекс Џонс во својот документарец „Редот на смртта“ (The Order of Death) ги откри тајните на тие собирања. Која е вистинската цел на тие ритуали и собирања, не е познато, но факт е дека таму се собирале Џорџ Буш, Бил Клинтон, Роналд Реган, Џими Картер, Цералд Форд, Ричард Никсон, Двајт Ајзенхауер и многу други.
Клуб 33
Дизниленд клуб 33, со скратено име Клуб 33, е место што е основано за највлијателните луѓе на светот, меѓу кои се многу познати личности и политичари.
Името го доби по 33 челници на најсилните светски компании кои единствени имале пристап до него. За денес да влезете во овој елитен клуб, морате да платите дури 30 илјади долари да чекате околу 15 години за да ве примат.
Центарот за управување со кризни состојби Маунт Ведер (Mount Weather Emergency Operations Centar – MWEO)
Изграден во 1950 година за време на Студената војна, MWEO е место на кое, во случај на катастрофа, би се криеле американскиот претседател и неговите помошници. Со оглед на тоа што ова е едно од најбезбедните места на светот, познато и како „место на последна надеж“, за него се знае многу малку, а речиси никој нема пристап до него.
Форт Нокс (Fort Knox)
Тврдината сместена во Кентаки е место на кое се наоѓа складиштето со американските резерви злато, а важи за најбезбедно место на светот. Според податоци од американската ризница, изградбата на Форт Нокс чинела 560 илјади долари.
Сепак, оваа ризница не го содржи целото американско злато туку приближно половина, а сефот се состои од челични плочи прелиени со бетон. Покрај тоа, не постои начин да се провали во него затоа што целата зграда е максимално заштитена со најцврсти материјали, како и тајни кодови и лозинки што се чуваат во најстрога тајност.
Ватиканската тајна архива
Ватиканската тајна архива со должина од 84 километри е место што содржи милиони документи, меѓу кои некои се стари и повеќе од 1.200 години. До ова место пристап имаат само папата и највисоките црковни достоинственици.
Метро 2
Метро 2 е тајно подземно метро што е изградено за време на владеењето на Сталин, со цел транспорт на тајната служба, а се наоѓа дури 200 метри под улиците на Москва. Тоа го спојува Кремљ со другите важни точки во градот, а до тунелите до кои вози споменатото метро може да се дојде само со посебна дозвола на Владата.
Местото каде што се чува рецептот за кока-кола
Рецептот за најпопуларниот пијалак на светот наводно се чува во еден сеф во Атланта, а пристап до него имаат само избрани, за тој да не падне во рацете на луѓето кои сакаат да стигнат до него. Исто така, постојат верувања дека споменатиот сеф е само измама и оти изворниот рецепт напамет го знаат само неколку водечки луѓе во оваа мултимилијардерска компанија.
Индекс.хр – Загреб/МИА