Археолози во јужната кинеска провинција Гуангдун пронашле гробница стара 13.500 години, што претставува досега најстар гроб откриен во Кина.
Во гробот е закопана девојка на возраст меѓу 13 и 18 години, со обезглавено тело, сместено во положба на клечење.
Археологот одговорен за ископувањата смета дека телото намерно било поставено во гробот во таква позиција. Покрај скелетот се пронајдени алатки и предмети, што според него, укажува дека и во тоа време постоеле погребни ритуали.
Гробови со тела поставени во слична положба и претходно биле пронаоѓани во јужна Кина и југоисточна Азија, но тие потекнувале од понов датум. За разлика од ова, во антички гробови откриени во северна Кина, телата биле положувани на грб со испружени раце и нозе.