Во селото Ферас, во областа Берат, живее жена која, според информациите, е најстарата во Албанија. Ќамиле Мара неодамна го прославила својот 117. роденден, опкружена со љубовта и грижата на своето семејство, кое на шега и од срце ѝ посакува да доживее и 200 години.

Родена во едно друго време, Ќамиле одгледала седум деца, целиот живот работела во земјоделството, а денес има ретка можност да живее и да ги гледа петте генерации од своето семејство.

Она што нејзината приказна ја прави уште поневеројатна е нејзиното здравје. И покрај 117-те години, таа моментално не боледува од ниту една болест и не зема никакви лекови.

И покрај годините, Ќамиле не сака да седи со скрстени раце. Нејзината секојдневна рутина би изненадила многумина – секое утро станува, зема метла и го чисти дворот, а посветено се грижи и за кокошките.

Семејството смета дека нејзината виталност е поврзана со здравиот начин на живот. Меѓу главните намирници што ги консумира се месото од живина и млечните производи, кои ги обезбедува нивната семејна фарма.

Нејзината снаа Раиме вели дека грижата за 117-годишната свекрва е истовремено голема одговорност, но и голем благослов. Таа потврдува дека Камиле и понатаму е активна и неуморна.

Денес, Камиле живее со својот син Хисен и неговата сопруга Раиме, кои се грижат за неа. Иако Хисен веќе има над 80 години и и самиот се соочува со здравствени проблеми, неговата посветеност кон мајка му е редок пример за семејна љубов.

Сепак, покрај радоста и виталноста, семејството се соочува и со сериозни финансиски тешкотии. Синот не може да ги покрие сите трошоци за живот само со минималната пензија од 9.400 леки, а двајцата кои се грижат за неа и самите се во пензионерски години.

Поради тоа, семејството и 117-годишната Ќамиле упатуваат јавен апел до институциите и албанската држава за доделување специјална пензија, со цел најстарата жена во земјата да има достоинствена старост и соодветни услови за живот.