Скопје ноќеска беше меѓу десетте најзагадени големи градови во светот според листата на IQAir.
Во текот на вчерашноот ден, главниот град постојано беше на врвот на листата според штетните честички во воздухот.
Со значително загаден воздух ноќеска беа и Кочани, Струмица, Тетово и Гостивар.
Дури седум милиони луѓе во светот годишно умираат како последица на загадениот воздух, покажуваат проценките на СЗО. Лекарите укажуваат дека загадениот воздух ги загрозува речиси сите витални системи на човечкото тело и буквално го „напаѓа“ секој орган. Околу една петтина од смртните случаи од мозочен удар, срцев удар и коронарна артериска болест се предизвикани од загаден воздух, а исто така предизвикува аритмија, конгестивна срцева слабост и покачен крвен притисок. Во извештаите на СЗО се наведува и дека е поврзан со рак на белите дробови, мочниот меур, дебелото црево, бубрезите и желудникот, како и со леукемија кај децата.
Скопје и утрово е меѓу првите десет најзагадени градови во светот. Според листата на IQAir воздухот е опасен за дишење, а индексот на загаденост е 153.
На листата на IQAir , Скопје е рангиран како шестти најзагаден град во светот по Лахор во Пакистан, Њу Делхи во Индија, Багдад во Ирак, Техеран во Иран и Ташкент во Узбекистан. А во листата на загадени градови во Европа, покрај Скопје, Сараево, Милано и Виена, се најде и Будимпешта.
Министерот за животна средина Изет Меџити пред неколку дена изјави дека загадувањето е комплексно прашање кое не може да се реши со една мерка, туку со повеќе мерки.
– Со комплексот на мерки кои ги преземаме полека но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина, порача Меџити.
Како позитивен пример го оцени последниот проект на Владата за доделување средства на општините за реализација на капитални проекти, зашто, како што рече, 40 отсто од нив се за еколошки проекти и за подземна инфраструктура со што индиректно помагаат за почист воздух.
-Работиме интензивно на намалување на загадувањето кое е проблем. Точно е дека долго време Скопје и некои други градови во Македонија се високо загадени особено урбаните средини, но точно е и дека во последните години се намалуваат деновите во кои воздухот е најзагаден. Има и други мерки од Министерството и од Владата. Деновиве во функција ќе бидат ставени и средствата од ЕИБ во износ од 50 милиони евра за подземна инфраструктура во сите општини кои досега не беа искористени, рече Меџити при посетата на депонијата Дрисла во Скопје.
Според анализите во повеќе градови, како што истакна, главниот фактор за загадувањето на животната средни се домаќинствата кои се греат со огревни дрва или со несоодветни горива.