Трет или четврт ден како нема објаснување од министерот Филипче за скандалот со кој наместо негативна референца за учество на државни тендери на компанија кај која било детектирано незаконско работење, тој и доделил тендер од 7,8 милиони евра, барем според документите кои во петокот ги објави Радио Лидер.
Имено, кај компанијата Промедика од Комисијата за заштита на конкуренцијата било детектирано дека незаконски преку своја фирма ќерка под називот Неокор го изигрувала системот за јавни набавки.
Двете компании, зад кои стои едно лице, бизнисменот Ристо Лузевски, изигрувајќи го системот ги подигале цените на продуктите на тендерите со што во изминатите години се стекнале со милионски профит на сметка на даночните обврзници во Македонија.
Документот од КЗК, до кој стигна Радио Лидер јасно го потврдува ова, но од институцијата одбиваат да ја соопштат висината на казната која ја добила Промедика, во исто време извори од обвинителството за нашата редакција велат дека и кај нив била отворена постапка, но поради политички притисок случајот се чува во фиока.
Но, наместо кривична одговорност за изигрувањето на системот, Промедика добива уште поголеми пари од него! Покрај тоа што министерот Венко Филипче бил запознаен за оваа милионска малверзација, тој на Промедика и Ристо Лузевски им дал уште поголеми државни пари.
Се работи за рамковна спогодба која вреди неверојатни 480.129.480 денари (7,8 милиони евра) за Биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и монокланални антитела.
Датумот на договорот е 14.08,2019, што е цели четири месеци по детектирањето на криминалот на Промедика од страна на КЗК.
За многу помали пропусти од оваа, компании добивале негативни референци и им се забранувало да учествуваат на државни тендери а камоли да прават вакви милионски рамковни спогодби.
Таков е примерот со една наша компанија, која само поради тоа што не успеала во предвидениот рок на Филипче да му испорача роба вредна 32.000 денари, била суспендирана од учество на тендери.